Фон дер Лајен во Скопје

Забрзување на евроинтеграциите преку надминување на билатералните предизвици

24.10.2024 15:59

Напредокот во евроинтегративниот процес и Планот за раст на ЕУ за земјите од Западен Балкан во фокусот на средбата на премиерот Мицкоски и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен. Почнување на пристапните преговори преку усвојување на уставните измени за кои е потребно политичко обединување, порача Фон дер Лајен. Премиерот Мицкоски побара поддршка и разбирање од ЕУ за надминување на отвореното прашање со источниот сосед…

Без јасно ветување од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, за одложена примена на уставните измени, ниту пак гаранции дека внесувањето на Бугарите во Уставот е последното барање на источниот сосед-премиерот Христијан Мицкоски побара поддршка од ЕУ за надминување на ова прашање.

Премиерот посочи дека Владата останува посветена на напредокот на евроинтегративниот процес, преку доближување на европските вредности, борбата против криминалот и корупцијата, реформи во правосудниот систем и економијата. Рече, останува цврсто на браникот на националните интереси и достоинството на македонските граѓани.

Да се исполнат преземените обврски

Фон дер Лајен ги пренесе ставовите на официјален Брисел-Македонија да ги исполни преземените обврски, за тоа ја понуди сестраната помош на ЕУ. Порача сите политички субјекти да се обединат, да ги разработат уставните измени-да не се вртиме наназад, да гледаме во иднината. Вели, целта е што побргу да ги продолжиме преговорите со отворање на првиот кластер.

Европската функционерка нотираше дека Македонија сто проценти е усогласена со европската надворешна политика.

54 милиони евра за Македонија до крајот на годинава

Што се однесува до планот за раст на ЕУ вреден шест милијарди евра, Македонија до крајот на годинава ќе добие 54 милиони, од вкупно 750 милиони предвидени за нашата земја.

Претседателската на Европската Унија во рамките на посетата во земјава оствари средба и со шефицата на државата Гордана Сиљановска Давкова. Посочувајќи ја важноста од одржување на кредибилитетот на Европската унија во однос на политиката на проширувањето, претседателката ја истакна потребата од засилена поддршка од страна на европските институции со цел надминување на билатералните предизвици и забрзување на евроинтеграциите.

Марина Стојанова-Тонева