Повици за крај на насилствата

Блинкен: Се прават напори конфликтот на Блискиот Исток да не се прошири

24.10.2024 19:15

Објавена дополнителна американска помош од 135 милиони долари за хуманитарните потреби на Палестинците во Газа и Западниот Брег.

Блискиот Исток заглавен помеѓу секојдневни напади и дипломатија. Американскиот државен секретар по средбите во Катар порача дека се прават напори конфликтот да не се прошири, а израелската војна против Хезболах не треба да доведе до долготрајна кампања во Либан. Објавена дополнителна американска помош од 135 милиони долари за хуманитарните потреби на Палестинците во Газа и Западниот Брег.

„Ова е момент кога треба да работиме и да ставиме крај на војната, да ги вратиме заложниците дома и да изградиме подобра иднина за луѓето во Газа. Израел ги постигна стратешките цели, осигурувајќи се дека 7-ми октомври никогаш нема да се повтори. Со разбивањето на воената организација на Хамас, Израел успеа да го стори тоа и да ги изведе пред лицето на правдата неговите водачи, особено лидерот на Хамас, Синвар“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Северен Израел одново е цел на ракетни напади од Либан. Тел Авив возврати за ракетирањето на Хезболах со досега најжесток удар врз Бејрут. Расте црниот биланс. Сложената состојба на Блискиот Исток тема и на самитот на БРИКС.

„Дојде време да престане неправдата и прекин на практиките на малтретирање преку воена сила и продолжување на окупацијата“, рече Махмуд Абас, претседател на Палестина.

„Борбите на Блискиот Исток ги истакнаа двојните стандарди во светот. Има недостиг на одговорност кон прекршувањата што се прават против меѓународната конвенции, меѓународно право и меѓународно хуманитарно право“, нагласи Абдел-Фатах ел-Сиси, претседател ан Египет.

Повици за ставање крај на насилствата пристигаат и од меѓународната конференција за поддршка на либанскиот народ. Макрон најави помош од 100 милиони евра.

„Франција ќе обезбеди 100 милиони евра за време на оваа конференција за да се засолнат семејствата, да се прехранат децата, да се згрижат ранетите. Потребен е прекин на огнот во Либан. Повеќе штети, жртви и удари нема да стават крај на тероризмот“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Додека одбраната на Израел се заканува дека откако ќе го нападнат Иран, светот ќе ја разбере силата на израелската војска, Сирија известува за израелски напади врз станбена зграда во Дамаск и воена локација во близина на Хомс.

Маријана Димовска