Путин: Некој во светот посакува доминација над секого и над сè
Завршен ден на самитот на БРИКС во руски Казањ. Лидерите загрижени за светската безбедност. Првиот човек на меѓународната организација, Гутереш побара војните во Украина и на Блискиот исток веднаш да запрат. Рускиот претседател Путин нагласи дека западот ја користи Украина за критични закани за безбедноста на Русија…

Преобразбата на светскиот поредок воопшто не е лесна, некој во светот посакува доминација над секого и над сè-поента на шефот на руската држава Путин, на отворањето на самитот на лидерите од Азија, Африка и Јужна Америка.
„Зад завесата на правниот поредок во светот има обиди да се спречи развојот на земјите ривали во Африка, Азија и Јужна Америка. Преку еднострани санкции, апсолутен протекционизам, манипулација со националните валути и берзите, преку слоганот за почитување на човековите права, се злоупотребуваат државите“, изјави претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.
Путин не пропушти да го искаже ставот за Украина насочен против руските интереси со прекршување на правата на жителите од руското јазично подрачје. Кинескиот претседател побара прекин на огнот во Газа и спречување натамошен судир во Либан. Кинескиот став е истоветен со турскиот, оцени претседателот Ердоган.
„Решението е во прекин на огнот и во создавање две држави, Израел и Палестина. Да го спречиме пламенот на војната да не се прошири во Либан, но и нечовечките страдања во Палестина и Либан“, изјави Шји Џјинпинг- претседател на Кина.
„Ова е време на кревка социо-економска состојба кога оските на големите сили се менуваат и кога политичките и економските механизми востановени по Втората Светска војна веќе не им служат на најдобрите интереси“, нагласи Реџеп Таип Ердоган-претседател на Турција.
Европската унија ги повика учесниците да побараат од Путин да ја прекине војната во Украина. Ова Брисел го очекува од Антонио Гутереш, првиот човек на Обединетите нации, кој учествува на самитот во руски Казањ.
„Мораме да ја засилиме мировната машинерија. Ова подразбира реформи на Советот за безбедност на Обединетите нации. Овој самит за иднината е силна поддршка на глобалниот развој и безбедноста. Сега мора да преминеме од зборови на дела. БРИКС има важна улога“, изјави Антонио Гутереш- генерален секретар на Обединетите нации.
Постојните и новите членки во Казањ изразија крајна загриженост за глобалната безбедност. Сојузот сега од пет брои 10 членки, Иран, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Етиопија. Турција, Азербејџан и Малезија исто така поднесоа барања за приклучување кон сојузот.
Зоран Богатинов
