Состанок на Комисијата за помилување, претседателката Сиљановска Давкова бара отчет
Претседателката Сиљановска Давкова ќе бара отчет за лицата кои се најдоа на листата за помилување. На состанок ги свика членовите на комисијата. Помилуваниот Акиф Ревманоски повторно зад решетки. Се сомничи за ново дело-обид за убиство. Доби 30-дневен притвор…

Кратко траеше радоста на Акиф Равманоски кој беше помилуван од претседателката Сиљановска Давкова. На вратата од затворот Идризово веднаш е уапсен, а судот го прифати предлогот на Обвинителството и му одреди 30-дневен притвор. Го сомничи за обид за убиство. Инцидентот за кој се товари Равманоски е од пред 10 дена. Во Чаир пукал од пиштол, со умисла да убие, но лицето го повредил во нога, а барутните честички на рацете на Равманоски потврдиле дека тој пукал, соопшти Јавното обвинителство.
Бура од реакции предизвика помилувањето на десеттемина осудени. Покрај екс-градоначалникот на Битола, помилувани се и неколкумина членови на криминални банди. Опозициската СДСМ бара претседателката веднаш да ја повлече одлуката, но и министерот Филков да каже дали од правда е дадено позитивно мислење за помилувањата.
„Дали тој лично се согласил со ослободувањето на луѓе кои ја загрозуваат безбедноста на Македонија? Бараме од Кабинетот на Претседателката веднаш јавно да го објави мислењето на Министерството за правда, заради транспарентноста која толку многу ја ветуваа. Јавноста има право да знае дали има криминален дил на највисоките нивоа на власта“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Помилувањето не смее да биде злоупотребено за политичка битка – велат од правда. Комисијата за помилување пред себе мора да ги има фактите за делото врз кое е донесена осудителната одлука како и пропратните документи без да биде наведено име.
„Имајќи ја предвид процедурата за помилување, но и временската рамка кога е испратено мислењето од Министерството за правда, во време на предизборие, се добива впечатокот дека овој процес е злоупотребен. Воедно, и отворањето на детали од процедурата од опозицијата посочуваат токму на подметнување на кукавичко јајце во овој процес“-велат од Министерството за правда.
И додека претседателката Гордана Сиљановска Давкова рече дека помилувањата се по предлог на комисијата и дека подоцна видела оти станува збор за интересни ликови во негативна смисла, еден од членовите на таа комисија посочи дека тие предлагаат, но последниот збор го има претседателката.
Викторија Милевска
