Редовна вакцинација на милениците за болеста беснило
Болеста беснило која може да се пренесе од животни на луѓето, во нашава земја последен пат е забележана во 2012 година. Агенцијата за ветеринарство повеќе од 10 години постојано врши вакцинација на дивите животни, односно лисиците, но препорачува и домашните миленичиња, особено овчарските и ловечките кучиња секоја година редовно да се вакцинираат...

Беснилото е опасна болест и за животните и за луѓето, но кај нас според надлежните институции ја нема повеќе од десет години.
Последниот случај на заразено лице во земјава е регистриран во 1976, а на заболено домашно милениче, мачка во Радовишко, и кај дивите животни, волк во Кочанско во 2012 година.
Од тогаш нема ниту еден нов евидентиран случај, но експертите велат би можел да се појави ако не се спроведува пасивен надзор. Редовно вакцинирање на милениците, треба да се врши секоја година за да се обезбеди нивна заштита од болеста и заштита на семејството.
Во земјава се чипирани повеќе од 100.000 домашни миленици од кои најголем дел се кучиња, а преку 60 проценти од нив редовно се вакцинирани секоја година.
Проблем, велат ветеринарите, се овчарските и ловечките кучиња во руралните средини кои најчесто не се вакцинирани поради недоволна информираност или едукација на сопствениците.
Методија Трајков
