Светски ден на аудиовизуелното наследство во Кинотека
На 28 октомври, во 12 часот, Кинотеката на Македонија ќе го одбележи 27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со презентација на проектот за дигитална реставрација на филмот ПИСМО на филмскиот и театарски режисер Васил Христов – Вуси...
На 28 октомври, во 12 часот, Кинотеката на Македонија ќе го одбележи 27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со презентација на проектот за дигитална реставрација на филмот ПИСМО на филмскиот и театарски режисер Васил Христов – Вуси. А до крајот на октомври пак, во вечерните термини на филмската програма ќе бидат прикажувани наслови од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат своевиден јубилеј. Среднометражниот игран филм ПИСМО е реализиран во 2000 година во холандска продукција. Благодарение на EYE-Filmmuseum, националниот филмски архив на Холандија, неодамна и Кинотеката на Македонија доби копија од филмот, бидејќи продуцентот, кој повеќе не е активен, целата своја филмска архива ја има депонирано во EYE.
На презентацијата во понеделник ќе говорат претставници од Управата за заштита на културно наследство, нода Кинотеката на Македонија и од инволвираните стручни лица во
Од понеделник до четврток, односно од 28 до 31 октомври, на репертоарот на кинотечното кино ќе се прикажуваат домашни филмски наслови чие создавање и постоење треба да го потенцираме токму оваа 2024 година. Пред сè, тука се краткиот документарен ДАЕ (1979) на Столе Попов и играниот ПРЕД ДОЖДОТ (1994) на Милчо Манчевски, кои своевремено беа во трката за престижниот „Оскар“ како претставници на нашата кинематографија, а се закитија со подеднакво значајни награди и на други врвни светски фестивали – ДАЕ со „Гран при“ на МФФ во Оберхаузен, а ПРЕД ДОЖДОТ со „Златен лав“ на Венецискиот филмски фестивал. Потоа следи и партизанскиот трилер ПОД ИСТО НЕБО (1964) на режисерската двојка Љубиша Георгиевски и Миомир Мики Стаменковиќ, па комитската драма НЕЛИ ТИ РЕКОВ (1984) на Стево Црвенковски, како и документарниот првенец ОГАН, повторно на Столе Попов, од 1974 година. Сите овие филмови во 2024 година одбележуваат свој јубилеј – од премиера, од прикажување, од создавање …
27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен од УНЕСКО, а го одбележуваат сите светски филмски архиви, кинотеки, музеи, библиотеки и организации кои работат на полето на заштитата на аудиовизуелната граѓа, предводени од Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви (CCAAA – Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations). Со проекции, изложби, промоции, тркалезни маси, презентации и други настани и програми сите овие организации, тела и институции се обидуваат да го свртат вниманието кон неопходноста од заштита и сочувување на филмското наследство како дел од колективната културна меморија.
