Нова мировна иницијатива за ставање крај на војната во Газа
Расте бројот на жртви по воздушниот напад врз училиште на северот во Газа. Тел Авив најави дека акциите ќе продолжат. Соопшти дека е убиен командант на Хамас, кој учествувал во нападот на 7-ми октомври, а работел и за Агенцијата за помош на ОН...

Египет и Катар со нова мировна иницијатива за ставање крај на војната во Газа. Соопштија дека се сретнале со лидерите на Хамас во Каиро и дека преговорите за примирје ќе продолжат во текот на викендот. Нетанјаху ги поздрави напорите потврдувајќи дека на преговарачка маса ќе го испрати шефот на МОСАД. Во истовреме, борбите продолжија со несмален интензитет. Расте бројот на жртви по воздушниот напад врз училиште на северот во Газа. Тел Авив најави дека акциите ќе продолжат. Соопшти дека е убиен командант на Хамас, кој учествувал во нападот на 7-ми октомври, а работел и за Агенцијата за помош на ОН.
„Во северниот дел на Газа има голем број терористи и дел од нашата акција сега е да ги убиеме, Џабалија е таков центар што во моментов го разбиваме. Имаме планови и да го нападнеме Иран, но нема да дадам време, место или начин на кој ќе постапиме, но ќе го направиме она што е правилно и кога е правилно“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелските сили.
Иранскиот лидер, ајатолахот Хамнеи изјави дека се води физичка и психолошка војна против Техеран, нагласувајќи ја неспособноста на израелскиот режим да го елиминира отпорот и покрај фактот што над 50.000 луѓе се убиени во израелските напади врз Појасот Газа и Либан.
