Еврообврзница

Ставрески: Еврообврзницата е издадена со историски најниска камата

18.07.2014 16:19

Со каматна стапка од 3,975 проценти, која е историски најниска, е издадена еврообврзницата 2021 во висина од 500 милиони евра, а со рок од седум години....

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и гувернерот Димитар Богов денес истакнаа дека еврообврзницта е издадена по исклучително поволни услови и истата претставува израз на доверба кај финансиските институции. Ставрески информира дека ваквиот резултат е постигнат благодарение на исклучително добрата макроекономска состојба годинава во земјава, односно постигнатиот раст од 3,9 проценти,  влезот на странски, но и домашни инвестиции, растот на извозот, намалувањето на невработеноста  и ниското ниво на долг на државата.

„Имаше голем интерес за издавањето на нашата еврообврзница. Вкупната побарувачка, наспроти нашата понуда од 500 милиони евра, изнесуваше една милијарда и 160 милиони евра. Понуда дадоа точно 100 инвеститори. Дел од нив се инвестициски банки, дел се инвестициски фондови, осигурителни друштва, приватни банки и слични финансиски инвестори“, рече Ставрески.

Средствата од еврообврзницата ќе се користат за предфинансирање на буџетот за 2015 година, враќање на еврообврзницата издадена во 2005 година во износ од 150 милиони евра, отплата кон ММФ за кредитната линија во висина од 115 милиони евра земена пред три години, како и за финансирање на голем број капитални објекти идната година.

Третата еврообрзница доспева за плаќање на 24 јули 2021 година.