Николоски: Градиме за да обезбедиме квалитетно поврзување со соседите
До границата со Бугарија води експресен пат кој околу Нова година ќе го пуштиме во сообраќај за граѓаните и за околу 1 час и 20 минути ќе се стигнува до границата...

Македонија е природна крстосница на двата коридори и затоа мораме да ги искористиме предностите. Имаме огромна шанса, но мораме да имаме и заложба од другите земји кои се на двата коридори за заеднички да ги унапредиме, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски во гостување на национална телевизија.
До границата со Бугарија води експресен пат кој околу Нова година ќе го пуштиме во сообраќај за граѓаните и за околу 1 час и 20 минути ќе се стигнува до границата. Започнавме реконструкција на граничниот премин Деве Баир, но од другата страна на границата ништо не се работи за да може квалитетно да се поврземе, потенцираше министерот Николоски.
Тој го посочи примерот и со граничниот премин Клепало кој од македонска страна е изграден пред десетина години, но не е ставен во функција од причина што бугарската страна до сега нема инвестирано во инфраструктурата.
Тој потенцираше дека потребно е да се ревидира прво проектот за третата фаза, потоа да се прилагоди цената и да се обезбеди договор со Бугарија со кој ќе дадат гаранции дека пругата ќе ја изградат до границата.
Во однос на коридор 10, тој истакна дека приоритет за следната година е реконструкција на пругата на Коридор 10 и амбициозниот проект за изградба на брза пруга исто така на Коридор 10.
