Партии

СДСМ: Стратегија за следните 20 години постои, во неа учествуваше и ВМРО-ДПМНЕ

25.10.2024 09:42

Од партијата велат дека оваа стратегија е уникатен пример на наднационална соработка, којa ги обединува граѓаните околу заедничка визија и реални цели за развој...

Националната развојна стратегија за периодот 2024-2044 е успешно подготвена и одамна е поднесена до Собранието. ВМРО-ДПМНЕ беше дел од тој процес а нивните пратеници учествуваа во изработка на стратегијата. Овој документ е резултат на широко и инклузивно учество, кое вклучува над 250 претставници од национални институции, 70 градоначалници, 50 пратеници од власта и опозицијата, како и деловни и граѓански организации. Дополнително, над 1.500 млади и претставници на ранливи групи активно допринесоа за креирањето на стратегијата, реагираат од СДСМ.

Од партијата велат дека оваа стратегија е уникатен пример на наднационална соработка, којa ги обединува граѓаните околу заедничка визија и реални цели за развој. Собранието е местото каде што се води дијалогот и се оформуваат политиките на државата, и СДСМ останува посветена на неговото значење како клучен демократски форум.

Најавите на Христијан Мицкоски за „обединување“ околу „нова стратегија“ се несериозни и празни политички пораки, кои ја игнорираат реалната потреба за конструктивност и конкретни решенија. Стратегијата тој ја има на маса, треба да покаже дела а не само празни зборови, нагласуваат од СДСМ.