Костадиновски: Судиите мора да се совесни, независни и бескопмпромисни во борбата за правда
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски говореше на Втората годишна конференција на Балканскиот форум на уставни судови...

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски говореше на Втората годишна конференција на Балканскиот форум на уставни судови, на темата „Уставните судови како чувари на демократските вредности и принципи: рамнотежа помеѓу извршната, законодавната и судската власт во современите општества“.
Во својот говор даде осврт за уставно-правната реалност во Република Северна Македонија, улогата на судскиот активизам и поделбата на власта во нашата држава низ примери од судската пракса.
За начелото на поделба на власта и последиците од предоминација на една над останатите власти, а следствено на тоа поткопувањето на довербата во системот и институциите, Костадиновски во говорот потенцираше на потребата од промени во уставно-правната култура и преминот од стабилна во зрела демократија.
„Зрелата демократија подразбира високо ниво на уставна и политичка култура, реална а не лажна посветеност на владеењето на правото, стабилни независни институции, институции кои го издржале тестот на времето и можат ефикасно да се справат со предизвици како политички кризи, економски, здравствени, какви било падови, длабоко вкоренети демократски норми кои ги почитуваат основните слободи и права на граѓаните, бескомпромисни Уставни судови кои ќе бидат гаранти на владеењето на правото. Дали ќе биде лесно? Не воопшто, но и најдолгиот пат почнува со првиот чекор. Кој би бил првиот чекор? По мене правилно разбирање на политиката и правото. За правилно разбирање на политиката, нејзините носители, неопходно е да се потсетат на она што Макс Вебер го посочи како особини коишто треба да ги поседува политичарот – страста, одговорноста и одмереноста. За правилно разбирање на владеењето на правото, судската власт особено уставните судии, треба да ги поседуваат следните клучни особини – совест, независност и бескомпромисност“.
Втората годишна конференција се одржува во Приштина, Косово каде што се одбележува и 15 годишен јубилеј од основањето на Уставниот суд на Косово. Во текот на денот се одржува работен состанок на земјите-членки и набљудувачи на Балканскиот форум на уставни судови.
