Трипуновски: Посветено работиме земјоделските производи да бидат препознатливи надвор од границите на Македонија
Субвенциите се онаа поддршка којашто на земјоделците им е неминовна за да го одржат своето производство и за да го планираат наредното производство“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на панел дискусијата 100% посветени за тебе на тема „Мерки и политики за земјоделието, животната средина и локалната самоуправа“.

„Првиот предизвик со којшто се соочивме беше во делот на земјоделството, исплатата на субвенциите коишто во минатото често кажувавме дека имаме нередовна исплата. И практично тоа се потврди со самото влегување во Министерството. Субвенциите се онаа поддршка којашто на земјоделците им е неминовна за да го одржат своето производство и за да го планираат наредното производство“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на панел дискусијата 100% посветени за тебе на тема „Мерки и политики за земјоделието, животната средина и локалната самоуправа“.
„Со самото доцнење на субвенциите имавме пад на земјоделското производство. Во овие 20 милиони евра коишто се исплатени се опфатени сите категории на земјоделци. Вкупната бројка на која е испорачана оваа сума е на над 20.000 земјоделци. Тука сакам да нотирам дека наредниот период продолжуваме со исплатата бидејќи со ребалансот на Буџетот обезбедивме дополнителни средства“, појасни министерот Трипуновски.
Трипуновски истакна дека ќе се исплатат сите заостанати субвенции заклучно со 2023-та година и да останат само тековните од 2024-та коишто до крајот на годината и веќе од наредната ќе се сервисираат се со цел субвенциите редовно да бидат исплаќани спрема земјоделците.
„Веќе во тек се работат програмите за 2025-та година. Трите клучни програми на Министерството се Програмата за директни плаќања, Програмата за рурален развој и Програмата за водостопанство. Во Програмата за директни плаќања ќе се предвиди намалување на бирократијата којашто досега ја имаа земјоделците како обврска, и нормално ќе има фузирање на мерките односно зголемување на сумата на субвенциите кај оние стратешки производи коишто се за нас како држава многу важни“, нагласи министерот.
Тој во текот на панел дискусијата додаде дека со програмите на Министерството Македонија повторно ќе се врати во вистинска смисла на земјоделска држава. Сите статистички податоци говорат дека во минатото повеќе Македонија увезуваше храна.
Трипуновски истакна дека во изработка на програмите за 2025-та година вклучени се и науката, земјоделските здруженија, Министерството, и чинителите коишто се во секторот.
„Работиме да обезбедиме сигурен пласман на земјоделското производство и нормално цени коишто се рентабилни во делот на производството за да можеме да ја зголемиме бројката на земјоделците“, додаде тој.
Тој додаде дека преку манифестациите може да се долови дека Македонија има навистина вкусна и здрава храна којашто треба да биде препознатлива и надвор од границите.
