Украина

Беснее војната во Украина

25.10.2024 12:08

Русите ги опколија трупите на Киев во Курск додека украинските разузнавачи тврдат дека првите севернокорејски единици се наоѓаат во пограничната област. Путин молчи и прстот го вперува во Западот. САД внимателно ја следат ситуацијата. ЕУ загрижена...

Москва тврди дека трупите на Киев во Курск се опколени и ја губат стабилната контрола. Извештаите доаѓаат во време кога разузнавачките служби на Украина соопштија дека првите севернокорејски единици се распоредени во пограничната руска област, откако беа објавени сателитски снимки на кои се гледа нивното движење. Путин не ги демантираше тврдењата, но рече дека Москва треба да одлучи како ќе го спроведе одбранбениот договор со Пјонгјанг, обвинувајќи го Западот за ескалација на војната.

„Сателитските снимки се сериозна работа, ако има слики, тогаш тие кажуваат нешто. Но, би сакал да го свртам вашето внимание на фактот дека осум години не мамеа дека сакаат да го решат конфликтот во Украина по мирен пат, за подоцна западните земји да почнат активно да го вооружуваат режимот во Киев, пред директното учество на воениот персонал на НАТО во овој конфликт“, изјави Владимир Путин -претседател на Русија.

Од Вашингтон сериозно ја следат ситуацијата. Велат дека ваквиот чекор на Путин само го покажува неговиот очај и неуспех на бојното поле.

„Путин стана толку очаен што сега е подготвен и бара потенцијална поддршка од Северна Кореја да го стави својот персонал на бојното поле. Ако тие влезат во борба, би станале соборци и тоа е многу сериозно прашање што ќе продолжиме да го следиме. Ова само го истакнува неговиот неуспех да ги исполни своите стратешки цели на бојното поле“, изјави Сабрина Синг – заменик-секретар за печат на Пентагон.

ЕУ вознемирена. Тоа би бил едностран непријателски чин на оваа земја со сериозни последици за европскиот глобален мир и сигурност-оцени шефот на европската дипломатија, Борел. Наспроти светската загриженост и повиците за праведен мир кои ги упати генералниот секретар на ОН Гутереш од самитот на БРИКС, украинскиот претседател со критика. Зеленски и натаму смета дека победничкиот план на Киев единствено може да ја осигура безбедноста на сојузниците, повторно алудирајќи на влезот на Украина во НАТО.

„Важно е светот да не заборави на целите и принципите на Повелбата на ОН, иако некои од нејзините функционери можеби им даваат приоритет на искушенијата во Казан. Нашиот план за победа е насочен кон нашите партнери – кон нивната сигурност во однос на местото на Украина во безбедносната архитектура. Дали се подготвени Украина да победи и дали сакаат да го видат повоениот безбедносен систем навистина сигурен? Планот за победа – ако го спроведат нашите партнери – ќе ги даде сите одговори“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

На изјавата на Зеленски пристигна реакција од Берлин. Канцеларот Шолц, како и група членки на НАТО остануваат на ставот дека Украина не може да влезе во НАТО додека е во војна.

 

Бојана Крстевски