САД

Се вжештува трката за Белата куќа

25.10.2024 12:21

И натаму е неизвесна битката за 47-миот шеф на Белата куќа. Трката меѓу Камала Харис и Доналд Трамп е рамо до рамо, на само 10 дена пред денот на изборите во Соединетите Американски Држави. Според БИ-БИ-СИ, кандидатката на Демократите води за два проценти пред републиканскиот ривал. На страната на Харис е и центарот на филмската индустрија, Холивуд кој може да биде клучен при изборот. Неспорна е и поддршката од мегаѕвездите на американската, но и светската музичка сцена …

Кога музиката и филмот ќе се замешаат со политиката, малку останува од демократијата. На собирот на Харис во Џорџија, американската рок легенда Брус Спрингстин предупреди-Трамп е американски тиранин. Џорџија е една од клучните држави каде што републиканскиот кандидат води процент пред демократскиот ривал. Изборната трка се вжештува, Трамп беше етикетиран-посакувал генерали според критериумите на Хитлер во здружениот американски штаб.

„Тоа никогаш не сум го рекол. Тоа е навреда, измислуваат приказни, го правеа тоа и порано, во пресрет на изборите“, изјави Доналд Трамп-кандидат на Републиканците за претседател на САД.

Трамп повика на масовност при гласањето, кое веќе почна. Важно е кој прв ќе стигне до генералната бројка од 270 изборни гласови. Анкетите покажуваат дека ниту еден од претендентите не ја достигнал, иако Харис е поблиску до неа. Води во чувствителните држави Невада, Пенсилванија, Мичиген и Висконсин, Трамп е подобар во Северна Каролина и Џорџија. И со два проценти плус во клучната, Флорида. Но, Харис има и адут, поранешниот претседател Обама, омилен меѓу афроамериканците.

„Кој има сила, карактер и ќе ја направи вистинската работа за земјата? Затоа се изборите. Пријатели, идниот претседател на Соединетите Американски Држави, потпретседателката Камала Харис“, изјави Барак Обама-поранешен претседател на САД.

Сите овие години, Барак, ова навистина го мислам, твоето пријателство и вербата во мене ми го отворија светот. Претседателе, ти благодарам. Нема повлекување! Нема повлекување!“, рече Камала Харис-кандидат на Демократите за претседател на САД.

Трамп не го следат поранешните американски лидери, неговиот влог е нестабилната миграциска политика на демократите.

„Инвазијата на Камала со мигрантите, нè прави неодговорни, и ја дисквалификува во трката за претседател. Нема да дозволиме тоа да се случи“, рече Трамп.

Трамп напаѓа и во делот на економијата, можниот банкрот на американскиот автогигант Боинг е на негова страна. За Харис, Трамп е конзервативен за правото на абортус, но се нема изјаснето и за маргиналните групи. Копјата најмногу се кршат околу војните, Трамп најави решение и мир во Украина, за Харис, победата на Русија е победа против слободниот свет.

Зоран Богатинов