Економија

Дурмиши задоволен од ефектите на есенската кошница, граѓаните и ССМ не гледаат резултати

25.10.2024 13:07

Министерот за економија е задоволен од ефектите на есенската потрошувачка кошничка. Мерката за ограничени маржи треба да заврши на крајот на месецов, ако има зголемување на цените ќе има ригорозни мерки за трговците изјави Дурмиши. Граѓаните велат, поевтинувањето не се забележува, од ССМ бараат Владата да преземе поригорозни чекори...

Прилепчанката Блага Штрлеска вели, цените во маркетите исти и во Прилеп и во Скопје, намалувањето за кое зборуваат не се забележува. Тука цените на пазарот се поскапи, но и во Прилеп е исто, земјоделството замре, храната се увезува.

Владата треба да преземе поригорозни чекори за да се почувствува замрзнувањето на маржите. Според ССМ, настапот на инспекторатот на терен е слаб поради тоа што имаат малку луѓе.

„Трговците беа алчни, на грбот на работниците повторно се обидуваат да заработуваат. Зголемените цени во септември само ги намалија во октомври и повторно останаа со истиот профит. За жал, во Македонија можеме да гледаме само зголемување на алчноста на трговците. Тоа што го гледаме на терен, слаб е настапот на Инспекторатот, не поради тоа што не сака, туку поради тоа што има многу мал број луѓе за да исконтролира огромен број трговци“, истакна претседателот на ССМ.

За првиот економист, граѓаните имале бенефит со владината мерка, есенска кошничка со замрзнати цени.

„Мерките дадоа ефект, цените на производите се намалени за пет до 10 отсто. Со есенската кошничка има и производи кои не се воопшто или се многу малку намалени како лебот, млекото, маслата за јадење, но имаше и производи чии цени се намалени за над 10 проценти, како месото, зеленчукот, млечните продукти“, изјави министерот за економија Дурмиши.

На 1-ви октомври Владата ги ограничи маржите на 70 производи. На 31-ви октомври завршува мерката, вакви мерки се најавуваат и за претстојните празници.

 

Наташа Јанчиќ – Менковски