Израел ја проширува копнената офанзива во Газа

18.07.2014 16:57

Во текот на ноќта, илјадници израелски војници влегоа во повеќе делови од Газа, со тенковска и артилериска поддршка...

Израелската копнена офанзива во Појасот Газа зема замав. Главна цел на нападите е мрежата тунели на Хамас, која не може да се уништи само со воздушни напади. Во текот на ноќта, илјадници израелски војници влегоа во повеќе делови од Газа, со тенковска и артилериска поддршка. Во Тел Авив не стивнуваат сирените пред ракетна канонада од палестинската територија.

„И дадовме упатства на војската да се подготви за значително проширување на копнената офанзива. Ноќешната операција почна откако Израел ги прифати и планот за прекин на огнот на Египет и хуманитарната иницијатива на Обединетите нации. Во двата случаи, Хамас продолжи да ракетира“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Во текот на ноќта загинаа 27 Палестинци, меѓу кои бебе, две деца и 70-годишна жена. Портпаролот на Хамас Абу Зухри порача – Нетанјаху ги убива нашите деца и скапо ќе плати за тоа. Не не плаши копнената инвазија, окупациската војска ќе пропадне во калта на Газа.

„Не знаеме колкава е точно штетата пред се бидејќи е во области во кои не смее да се оди. Но знаеме дека големи од Газа немаат пристап до вода и до струја“, вели Кристер Нордал од Агенцијата за помош на бегалци на ОН.

Во Газа, израелската армија денеска изврши напад врз објект во кој се наоѓаат неколку странски дописништва. Според палестински извори, ранет е еден новинар. Израелскиот премиер Нетанјаху не соопшти каква форма ќе има проширената офанзива – Тел Авив особено се загрижи откако во вторникот војската успеа да спречи инфилтрација на милитанти преку тунелите на Хамас. Како поддршка на регуларната војска, до сега се мобилизирани 50 илјади резервисти.