Скопје

​Кисела Вода го доби најголемиот парк на шахот во Македонија

25.10.2024 19:01

Наместo дивата депонија која тука постоеше, сега жителите на нашата општина добија прекрасно уредено катче, опремено со современа урбана опрема, хортикултурно уредување и шаховски маси, каде што љубителите на шахот ќе можат да уживаат во оваа интелектуална игра...

Нов модерен парк добија жителите на општина Кисела Вода. „Паркот на шахот“, лоциран во населбата 11 Октомври Бараки, се протега на 4000 м2. На просторот кој до неодамна беше дива депонија, сега жителите на општината добија за себе катче со современа урбана опрема, хортикултурно и партерно уредување, а во центарот на паркот се поставени статуетки-шаховски фигури, крал и кралица. Воедно, за шахистите и љубителите на шахот ќе има маси со шаховски табли.

Наместo дивата депонија која тука постоеше, сега жителите на нашата општина добија прекрасно уредено катче, опремено со современа урбана опрема, хортикултурно уредување и шаховски маси, каде што љубителите на шахот ќе можат да уживаат во оваа интелектуална игра. Во самиот центар на паркот се поставени и шаховски статуетки на кралот и кралицата, симболизирајќи го значењето на шахот како игра која го поттикнува умот и развива стратегиско размислување- изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Претворањето на поранешната депонија во зелен парк не е само голем естетски придонес, туку и важен еколошки момент, значаен за подобрување на квалитетот на животната средина во општината, а со тоа и за создавање на поубаво секојдневие за сите нас. Ова е уште еден пример за тоа како може да се трансформира едно некогаш запоставено место во простор за релаксација, дружење и забава, и сакам да најавам дека ваквите проекти ќе продолжат и во иднина- велат од општината.