Локална самоуправа

Струмица и Карпош дека ќе ја напуштат ЗЕЛС, за Перински и Ѓорѓиевски тоа не е решение

25.10.2024 16:12

По најавите на Струмица и Карпош дека ќе ја напуштат ЗЕЛС, според Перински, не биле решение, туку пренасочување на вниманието и политизирање на случајот каде губат сите. Градоначалникот Стевче Јакимовски испрати критики кон ВМРО-ДПМНЕ, градоначалникот Костадин Костадинов рече дека тоа го прават во знак на револт поради лошиот однос кон Струмица за проблемот со водата...

Секоја најава за нарушување на единството на ЗЕЛС и штети и на самата ЗЕЛС и на сите општини, вели министерот за локална самоуправа Златко Перински по најавите на Струмица и Карпош дека ќе ја напуштат ЗЕЛС. Ваквите потези, според Перински, не биле решение, туку пренасочување на вниманието и политизирање на случајот каде губат сите, а најмногу граѓаните.

По најавата на Општина Карпош дека ќе ја напушти ЗЕЛС, градоначалникот Стевче Јакимовски испрати критики кон ВМРО-ДПМНЕ, оти, како што вели, се засилиле нападите кон него дека сака да излезе од организацијата.

Претходно, и Општина Струмица кажа дека се откажува од членството во ЗЕЛС. Градоначалникот Костадин Костадинов рече дека тоа го прават во знак на револт поради лошиот однос кон Струмица за проблемот со водата. Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски рече пак, ако побарале помош ќе ја добиеле.

Според првиот човек на ЗЕЛС пак, Орце Ѓорѓиевски, одлуката за влегување или излегување од ЗЕЛС ја носи Советот на општината и ги повика Костадиновски и Јакимовски „да се вразумат и малку посериозно да погледнат на нивните потези“.

 

Борис Грујоски