евроинтеграции

Муртезани: Сакаме да го обезбедиме процесот за да нема ризик да трае вечно со нови барања

25.10.2024 14:20

ЕУ не го одбива предлогот за уставни промени со одложено дејство и покажува разбирање за гаранција дека преговарачкиот процес треба да се билатерализира, вели главниот преговарач и министер за европски прашања Орхан Муртезани. За да се најде решение со Софија веќе е испратена покана за дијалог со новата бугарска влада...

Уставните промени не се услов за спроведување реформи. Сè уште сме најблиски со приближувањето кон ЕУ од сите земји на Западниот Балкан и ако почнеме со отворање поглавја, најоптимистички може да ги завршиме преговорите за 2 години, вели главниот преговарач и министер за европски прашања Орхан Муртезани.

Македонија нема да испрати писмо до Брисел со предлогот за уставни промени со одложено дејство, оти веќе за ова се разговарало со европскиот врв.

По средбата со шефицата на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен новост е што ЕУ не го одбил предлогот за уставни промени со одложено дејство, вели министерот за европски прашања и главен преговарач Муртезани.

„Во ЕУ има разбирање за гаранција дека нема да има билатерализација на преговарачкиот процес. Сакаме да го обезбедиме процесот за да нема ризик да трае вечно со нови барања“, додава Муртезани.

Ова е планот на Владата околу отстранување на блокадата за отворање поглавја. Реализацијата велат ќе се спроведе по изборите во Бугарија. Веќе е испратено барање за дијалог до новата бугарска влада, оти само на тој начин може да се дојде до решение, што не е само наш интерес туку и на ЕУ и на Бугарија како членка на Унијата, вели министерот за европски прашања.

Промените на Уставот се само за исполнување на условот од преговарачката рамка за ЕУ, што може да трае 3,4, 6 месеци-прогнозира Муртезани. Во меѓувреме, ќе се работи на исполнување на реформската агенда за да покажеме одлично спроведени реформи со што ќе се изврши притисок врз Бугарија да го отстрани условувањето.

ВМРО-ДПМНЕ повика на стратегија за национално обединување за евроинтеграции. Коалицискиот партнер „Вреди“ повика на поддршка за уставни промени.

Во коалицијата нема дилема, само различни пристапи како до побрза евроинтеграцијата, велат од владината коалиција.

 

Ирина Гелевска