Од Скопје ќе се лета до Дубаи, Барселона, Лион и Штутгард, а од Охрид до Базел и Истанбул
Од Скопје ќе се лета до Дубаи, Барселона, Лион и Штутгард, а од Охрид до Базел и Истанбул. Тоа се шесте нови дестинации што ќе ги имаат на располагање македонските граѓани од двата домашни аеродроми…

Од Скопје директно ќе се лета кон Барселона, Дубаи, Лион и Штутгарт, а од охридскиот аеродром кон Истанбул и Базел. Ова се новите дестинации што ќе се воведат следната година, а избрани се на јавниот повик за финансиска поддршка за нови авиодестинации, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Како што информираше Николоски, од скопскиот аеродром од крајот на јуни, два пати неделно ќе се лета на релација Скопје-Дубаи-Скопје и Скопје-Барселона-Скопје, додека, по три пати неделно ќе се оперира од Скопје за Лион и Штутгарт.
На охридскиот аеродром новина се линиите Охрид-Базел-Охрид на кои ќе се превезуваат патници два пати неделно и редовната дестинација Охрид-Истанбул-Охрид од 30 март следната година, на која ќе се лета четири пати неделно.
Државата ќе субвенционира 12 евра по патник на доаѓање на охридскиот аеродром и девет евра по патник на пристигнување на скопски аеродром. За периодот од 2025-2027 година се предвидени пет милиони евра, а од ресорот транспорт очекуваат бројот на патници да се зголеми за двесте илјади на годишно ниво.
Игор Панов
