Хајрулахи: Инсистирањето да се доаѓа навреме на работа, не е мобинг
Адвокатот на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи поднесе тужба до Граѓанскиот суд за клевета за мобинг против четворица вработени во Вишото и за еден вработен во Основното јавно обвинителство. Хајрулахи очекува судот да донесе пресуда во негова корист бидејќи како што појаснува тие се неосновани...

Скопскиот виш јавен обвинител Хајрулахи поднесе тужби за клевета против вработени кои тврделе дека им вршел мобинг. Инсистирањето да се доаѓа навреме на работа, не е мобинг, вели обвинителот и додава дека петтемина вработени од Вишото и Основно обвинителство сега ќе треба на суд да ги докажат тврдењата. Во изјава за МТВ Хајрулахи открива дека друг обвинител ги инструирал за ваквите тврдења.
Обвинителот бара секој тужен да му исплати по 10 илјади евра за нарушени чест и углед.
Откако Хајрулахи јавно кажа дека државниот обвинител му давал насоки каква одлука да донесе за случајот со бонусите во СЈО, а Коцевски демантираше, Советот на јавни обвинители ќе го разгледува случајот. Министерот за правда Филков е запознаен со случувањата, но не ги коментира.
Републичкиот обвинител Коцевски тврдеше дека спроведената контрола во Вишото обвинителство е да се проверат предметите, но и пријавите од вработени дека им се врши мобинг. Извештајот од надзорот сè уште не е готов.
Анита Димитријевска – Велковска
