Украина

Урнатиот малезиски авион го поларизира светот

18.07.2014 17:54

Не запираат меѓусебните обвинувања меѓу Украина и Русија, во претпоставките за несреќата се вклучија и САД...

Малезискиот Боинг кој се урна во Украина на 50 километри од руската граница го поларизира светот. Не запираат меѓусебните обвинувања меѓу Украина и Русија.  Во претпоставките за несреќата се вклучија и САД.

„Му изразив сочуство на премиерот на Холандија и поканив холандски експерти да спроведат истрага на овој терористички чин. Нагласувам дека не го именуваме како несреќа, туку терористички чин“, изјави Петро Порошенко, претседател на Украина.

„Изразувам сочувство од името на Руската Федерација. Сакам да нагласам дека оваа трагедија немаше да се случи ако во Источна Украина имаше мир и ако не продолжеа воените операции“, рече Владимир Путин, претседател на Русија.

„Ги немам точната причина и сите детали, но авионот веројатно бил соборен. Соборен, а не несреќа, разнесен на небото“, рече Џо Бајден, заменик претседател на САД.

Повеќе варијанти се појавуваат како причина за уривањето на Боингот. Според една Џамбо Џетот го погодил рускиот ракетен систем „БУК“.

Според втора, на Твитер се појавиле информации за два украински ловци кои го следеле малезискиот Боинг.

Патничкиот авион скршнал од рутата, по што Кремљ  преку „Раша Тудеј“ праша дали целта бил авионот на рускиот претседател Путин.

За несреќата се организира масовна истрага. Пронајдена е втората црна кутија која се очекува да даде одговор за трагедијата. САД побараа итен прекин на огнот во Украина за непречена работа на инспекторите. Малезија бара точна истрага.

„Ова е трагичен ден од трагичната година за Малезија. Додека се обидуваме да сфатиме што се случи, мислиме и се молиме за семејствата и пријателите на патниците“, изјави Наџиб Разак, премиер на Малезија.

„Одблиску ги следам извештаите заедно со Мешународната организација за цивилна авијација на Обединетите нации. Неопходна е целосна и транспарентна меѓународна истрага. Им изразувам сочувство на семејствата на загинатите“, рече Бан Ки Мун, генерален секретар на ОН.

Холандија тагува, прогласен е ден на жалост. Најголем дел од патниците кои настрадаа беа од оваа земја.

„Опуштен сум. Ваква несреќа може да се случи секој миг. Како да бил притиснат бројачот од почеток. Мислам дека веќе не е опасно“,  изјави патник од Холандија.

„Се надеваме дека ова е прва и последна несреќа. Моите се на другата страна на светот, загрижени се, ми праќаат пораки“, вели уште еден патник од Холандија.

„Да, се плашам. Сите се плашат кога ќе се случи нешто вакво. Се молам, а за се друго ќе реши господ“, рече патничка од Холандија.

Евро-Контрол прогласи забрана за комерцијални летови на украинското небо. Во несреќата загинаа сите 283 патници и 15 членови на екипажот.

Бојана Крстески