Македонија

Депонијата „Буково“ ги труе охриѓани

26.10.2024 17:55

Еколошка револуција за затворање на нестандардната депонија „Буково“. Дваесеттина невладини, пет месни заедници и голем број загрижени граѓани, екологисти и активисти формираа групација наречена „Збогум Буково“. Депонијата со месеци гори, а чадот го труе регионот…

„Збогум Буково“ е групацијата формирана од невладини, еколози, активисти и месни заедници во охридскиот регион. Велат почнуваат еколошка револуција за итно решавање на проблемот со депонијата Буково. Алармот го вклучи постојаното спалување и токсичниот чад, кој се чувствува не само во околните села туку и во градот Охрид.

Со оваа иницијатива се бара итно отворање на регионалната депонија во Новаци, целосна селекција на отпадот за намалување на запаливоста и крајно затворање на дивата депонија.

„Групацијата ’Збогум Буково‘ бара најургентно од сите државни органи, министерства и локални самоуправи од целиот Југозападен регион да седнат на маса и да се договорат, бидејќи ситуацијата е ургентна повеќе од неколку години. Депонијата го труе целиот Охридски регион како и дел од селските средини во Ресен“, изјави Ѓоко Зороски, еколог од „Збогум Буково“.

Со месеци телото на депонијата е во запалена состојба, дополнето со површински пожар.

Токсичниот чад го труе регионот, депонијата ја загадува и почвата, воздухот, површинските и подземните води.

„Во наредниот период сметаме на зголемување на бројот на поддржувачи на оваа иницијатива се до конечниот резултат односно затворање на депонијата во Буково заедно со депонијата Мауцкер. Овој ден може да го сметаме за еколошка револуција каде што ќе се стави крај на овие депонии“, вели Горан Ангелоски, активист од „Збогум Буково“.

Депонијата во Буково е на листата 25 приоритетни нестандардни депонии за затворање во земјава. Како високоризична за животната средина со Националниот план за управување со отпад, но и со препораките на УНЕСКО требаше да биде затворена најдоцна до 2020 година.

Соња Рилковска