Високо образование

Дел од турските студенти на УГД својата иднина ја гледаат во Македонија

26.10.2024 14:40

Универзитетот „Гоце Делчев“ со години е избор на голем број студенти од Турција. Најголем дел од нив по дипломирањето се враќаат во Турција, но добар дел од нив иднината ја планираат во Македонија или во некоја од европските држави …

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во моментот студираат околу две илјади студенти од Турција. Во најголем дел се на Факултетот за медицински науки. Дел од нив својата иднина ја гледаат во Македонија, како Јилдерај Тутекин, дипломиран стоматолог, специјализант по орална хирургија.

Џан Оскан, студент на Стоматолошкиот факултет овде ја сретна љубовта на својот живот, а гледа и можности за кариерен напредок.

Хилал Оздемир и нејзината сестра Нихал се со план да дипломираат стоматологија и да специјализираат. Иднината ја планираат овде.

За голем дел од турските студенти, Македонија е шанса за градење на кариера во европските земји.

„Минатата година преку Еразмус програмата студирав во Италија, која е моја земја од соништата и сакам таму да живеам. Но, и Македонија е во моите планови“, вели Таха Јуксел, студент.

Универзитетот „Гоце Делчев“ со години работи на привлекување на странски студенти. Од УГД велат дека интерес има и од студенти од азиските и државите од Африка, но заради комплицираните визни процедури засега се реткост на универзитетот.

Славица Величковска