Блиски исток

Израел изведе воздушни напади врз Иран, Техеран најави одговор

26.10.2024 11:10

Израел го изврши долгонајавуваниот одмазднички контранапад кон Иран. Повеќечасовната воздушна акција била насочена кон воени локации. Погодени се капацитети за производство на ракети земја-воздух. Нуклеарните постројки и нафтените инсталации не биле цел на израелската армија...

Израелски ракети го осветлија небото над Техеран. Тел Авив го изврши долгонајавуваниот одмазднички контранапад кон Иран. Повеќечасовната воздушна акција била насочена кон воени локации. Погодени се капацитети за производство на ракети земја-воздух. Нуклеарните постројки и нафтените инсталации не биле цел на израелската армија. Израел има право и должност да ја одбрани државата, вели портпаролот Хагари. И Вашингтон на иста линија со Тел Авив. Американскиот државен секретар Остин дециден – неспорно е правото на Израел за одбрана на земјата. Во телефонскиот разговор со израелскиот колега Галант ја потврдил цврстата американска поддршка.

„Нашите авиони успешно се вратија откако извршија напади врз воени цели во Иран. Ова беше одговор на нападите од Иран врз Израел во изминативе месеци. Одмаздничкиот напад е завршен и сите цели се постигнати. Ние ја следевме директивата на политичкиот естаблишмент, и извршивме прецизни и таргетирани напади врз цели во различни области на Иран, вклучително и објекти за производство на ракетите со кои изминатава година Иран го напаѓаше Израел. Иран двапати го нападна Израел, вклучително и на локации на кои беа загрозени цивили и сега ја плати цената за тоа“, изјави Даниел Хагари – портпарол на израелската армија.

Техеран тврди дека израелските напади предизвикале ограничена материјална штета. Иран соопшти дека системите за противракетна одбрана успешно се справиле со израелските ракети. Нападите биле насочени кон воени бази во близина на Техеран и во провинциите Илам и Кузестан. И покрај повиците за деескалација, Иран најави одмазда.

„И покрај предупредувањата од властите на Исламската република до криминалниот и нелегитимен ционистички режим да не преземат авантуристички чекори, изутрината, овој лажен режим, во еден ескалирачки акт, нападна воени бази во Техеран и провинциите Кхузенстан и Илам. Нашиот интегриран одбранбен воздушен систем успешно ја лоцираше и се спротивстави на агресијата, а предизвикана е само ограничена штета во некои места. Размерот на нападот се истражува“, рече Сара Емами – презентер на Иранската државна телевизија.

Израелските напади врз Иран доаѓаат во време на исклучително критична состојбата на Блискиот исток и претставуваат опасен ризик кој го турка регионот во сеопфатен конфликт. Речиси една година Израел веќе е во отворена војна со милитантните групи поддржани од Иран. Во Газа војуваат со Хамас, а во Либан со Хезболах.

Маја Стојанова