Македонија

Струмичани бараат соработка меѓу локалната и централната власт

26.10.2024 18:20

Струмичани апелираат до локалната и централната власт да соработуваат. На тој начин може да се реши и проблемот со водата, но и други кои се од локално значење. Вака коментираа граѓаните на Струмица откако општинската власт најави излегување од ЗЕЛС…

Дали Општина Струмица ќе остане или ќе ја напушти ЗЕЛС на струмичани не им значи многу. Тие сакаат подобри услови за живот. Инвестиции од локалната, но и централната власт. Вака коментираат струмичани откако градоначалникот Костадин Костадинов најави излегување од ЗЕЛС заради игнорантскиот однос на државата кон ова општина.

Општина Струмица, револтот кон ЗЕЛС го впери откако АХВ ја продолжи забраната за пиење на водата иако локалните власти приложија анализи од акредитирани лаборатории дека водата е исправна и безбедна за пиење. ЗЕЛС го напуштија и поради недобивање пари за проект од унгарскиот кредит.

Вратата од ЗЕЛС е отворена за сите, секој проблем се решава, доколку има интерес и доколку не се крие нешто друго во заднина на овој процес. Стојам на располагање како и досега за сите мои колеги, кажа претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓеоргиевски кој го повика Костадинов да седнат на маса и да разговараат за проблемите.

Од Министерството за локална самоуправа соопштија дека излегувањето на Струмица, па и Карпош сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС којшто само како единствен може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за развој на општините.

Ване Трајков