Хаџи-Јанев: Израелските напади имаа психолошка вредност
Израелските напади имаа психолошка вредност, повеќе беа наменети за домашна употреба и за одвраќање од нови удари – оценува професорот по безбедност Методи Хаџи-Јанев. Според него, ниту Тел Авив, ниту Техеран не сакаат дополнителна ескалација…

Нападите кои ги изведе Израел врз цели во Иран имаа пред сè психолошка вредност, но не се исклучува и оперативната, затоа што беа наменети за одвраќање на потенцијални напади од Иран, вели за МТВ, професорот по безбедност, Методи Хаџи-Јанев. Тој смета дека овие напади се со лимитиран досег и врз одредени цели, и може да се стават како алтернатива во некој поширок дизајн и дека сето тоа претставува тестирање на вистинските технички капацитети на Иран, додава Хаџи-Јанев.
Хаџи-Јанев објаснува дека сепак е добро што постои една географска бариера која во оваа фаза при конфликт со Хамас и Хезболах е неисплатлива за Израел да отвори нов фронт.
Израелскиот напад како умерено и внимателно насочен го нарече и израелската војска која соопшти дека погодила „прецизни“ воени цели во Иран.
Државната новинска агенција „Ирна“, пак, соопшти дека Израел нападнал делови од воени центри во провинциите Техеран, Кузестан и Илам, и дека нападот бил успешно пресретнат и возвратен, иако има загинати ирански војници.
Фиљана Кока
