Спротивставени мислења за ефикасноста на мерките
Власта и опозицијата во клинч за платите и цените на основните прехранбени производи. За СДСМ, донесените мерки немаат никаков ефект, па затоа ја повикаа власта да прифати зголемување на минималната плата. Според премиерот Мицкоски, секое намалување е добредојдено зашто платите растат, а инфлацијата е под контрола. Функционерските плати нема да се зголемуваат…

Од есенската потрошувачка кошничка, граѓаните велат – не почувствувале позначајно поевтинување. Два, три или пет денари, велат не е некое намалување на цените. Мерката трае уште една недела. Власта смета дека дава резултати, опозицијата бара зголемување на минималната плата на 450 евра.
„Тие изгледа ги покачија цените, па демек ги намалија и од тие 2.500 денари што ни ги дадоа, ништо не видовме.“
„Јас не чувствувам дека има намалени цени.“
„Какво намалување, 2, 3 или 5 денари не е намалување.“
„Таков тип на намалување на цените не носи добро за граѓаните. Еве го пазарот влезете ќе видите какви се цените“-велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Опозиционерите велат дека основните производи минимално поевтиниле, а некои дури и поскапеле, па вредноста на синдикалната кошница во октомври е намалена за само 57 денари. Владината мерка за ограничување на маржите се покажа како неефективна, велат од СДСМ.
„Денес, на едно четиричлено семејство му се потребни 61.249 денари за основните потреби во месецот, додека просечната плата падна за 1.000 денари откако Мицкоски стана премиер. Овие индикатори покажуваат дека животниот стандард на граѓаните драстично опаѓа и дека имаат сè помалку пари во џебовите“, изјави Богданка Кузеска – портпарол на СДСМ.
Според премиерот Мицкоски, секое намалување е добредојдено зашто платите растат, а инфлацијата е под контрола. Владата има за цел да ја зголеми продуктивноста, за да има реален раст на платите.
„Нашиот пристап како Влада се темели на стимулирање на инвестиции, кои ќе ја зголемат продуктивноста, а со зголемената продуктивност ќе има поголемо производство, а со поголемо производство ќе има поголем бруто домашен производ. Тоа е филозофијата на оваа Влада. Не е филозофијата да ги зголеми платите 10%, а да ја качи инфлацијата 20% и практично платите да бидат безвредни“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Во вторник на владина седница ќе биде буџетот за 2025 година. Ќе се носи мерка, платите на функционерите повторно да не се зголемат.
Секое намалување на трошоците е добро за граѓаните, велат од Владата и најавуваат нови потрошувачки празнични кошнички. И додаваат дека платите растат, а инфлацијата се намалува.
Андријана Ѓурческа
