Општина Велес бара помош од Владата за спас на езерото Младост
Потребни се финансии за да се спаси езерото Младост, кое има загадување поради што летово не беше погодно за капење. Затоа Општина Велес се обрати до Владата за да се обезбедат средства за спас на акумулацијата Младост, рекреативен центар за бројни туристи …

Локалната власт на Велес бара помош од Владата за спас на езерото Младост. Таа се јавува како институција која ќе ги координира работите за санација на акумулацијата. Испратено е писмо до Владата која пак, ги препратила да се обратат до Министерството за животна средина.
Локалната власт се обидела на неколку локации околу акумулацијата, да се обезбеди свежа вода, но обидите биле неуспешни, вода нема. Анализите покажале дека единствено вода може да се обезбеди од Отовичка Река. Затоа Општина Велес, ќе преземе механичко чистење на коритото на реката. Потребни се и пари за чистење на вентилите на браната од езерото, за да може да се испушти дел од водата во акумулацијата, таа што е на дното и каде има загадување.
Велешкото езеро е во „алерт 2“ состојба, поради тоа што има присуство на цијано-бактерии, открија анализите на Хидробилошкиот завод од Охрид. Овие вредности не можеа да го откријат ниту Центарот за јавно здравје ниту лабораторијата Фуд- лаб, кои го следат квалитетот на водите од езерото, бидејќи немале можност за такви анализи. Потребно е да се знае дали има присуство на цијано-токсини и евентуалната нивна концентрација.
Петар Печков
