Македонија

Куманово: Ниска сообраќајна култура, зафатени тротоари

27.10.2024 12:26

Хаварисани возила на јавни површини, улици, тротоари. Ваква е секојдневната слика во Куманово. За таа цел надлежните со акција за бесплатен транспорт на неисправните возила до отпад. По истекот на рокот, возилата неселективно ќе се отстрануваат. Но во градот доцни и проширувањето на Б зоната, а функционира само една катна гаража.

Над седумдесет хаварисани возила со години блокираат јавните површини во центарот на Куманово. Автомобилите најголем дел во неисправна состојба, може да се видат на тротоари, паркинг простори. Поради тоа општината одлучи да започне акција за бесплатен транспорт на возилата до лиценциран отпад во рок од еден месец. По истекот на рокот службите ќе започнат со неселективно отстранување.

„Првин отстранување на хаварисаните автомобили, па непрописно паркирање по тротоари, голем дел од нашето население стекна многу лоша навика да се паркираат пред нивните гаражи наместо во гаражи“, истакна претседателката на Советот на Општина Куманово.

За ниската сообраќајна култура на возачите сведочат секојдневните слики низ градот. Несовесни возачи блокираат улици, влезови пред станбените единици. Се избегнува плаќање паркинг. Двете пајак возила изминатиот месец кренале дури 500 возила.

„Немаат луѓето пари за паркинг за тие пари ќе купи леб, ќе оди околу ќе паркира“, вели еден граѓанин.

„Сите луѓе избегнуваат за паркинг поради плаќање, сообраќајот е хаос, пешаци нема каде да одат, заземени се сите простори“, дополнува друг.

За надминување на сообраќајниот метеж во Куманово надлежните подолг период најавуваа и проширување на Б зоната.

Со столпчиња требаше да се обезбедат јавно прометните површини за пешаците и на останатите локации. Надлежните ветуваа проширување и на булеварот 3-та МУБ, како и на улици низ централното подрачје. Проектот застана само на булеварот Октомвриска револуција.

Куманово во моментов располага со 600 паркинг места. Цената за еден час изнесува 30 денари.

„Знаеме каков е просторот и какви се ситуациите во градот, местата што ги имаме за паркинг се тие. За Б зона се трудам во најбрз рок, се надевам дека по Нова година ќе биде пуштена“-вели директорот на Куманово паркинг.

Во најголемата општина во земјава засега функционира и само една катна гаража.

Елена Георгиевска