Наука

Вештачката интелигенција помага во развојот на македонскиот јазик

27.10.2024 14:09

Способноста на машините да разберат и да одговорат на „човечки јазик“ е од суштинско значење за многу апликации за вештачка интелигенција, како што се виртуелни асистенти и чет-ботови. Со новите јазични модели на вештачка интелигенција се подобрува и развојот на македонскиот јазик и не се меша со другите јазици како во минатото...

Човечките јазици се сложени, а лингвистите долго време мислеа дека би било невозможно да се научи машината како да ги анализира говорните звуци и структурата на зборовите како што тоа го прават луѓето. Способноста на машините да разберат и да одговорат на „човечки јазик“ е од суштинско значење за многу апликации за вештачка интелигенција, како што се виртуелни асистенти и чет-ботови. Андријана Павлова од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, вели дека со новите јазични модели на вештачка интелигенција се подобрува и развојот на македонскиот јазик и не се меша со другите јазици како во минатото.

„Јас и колегата Герасов од ФЕИТ правевме едно истражување за кое имавме испитаници коишто требаше да проверат дали одговорите се генерирани од машина или се напишани од човек, така што за голем дел од понапреднатите и софистицирани модели не беа сигурни дали се напишани од човек односно мислеа дека се напишани од човек, а не генерирани од машина, а сите одговори беа генерирани од машина“, изјави м-р Андријана Павлова, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Павлова вели дека јазичните модели на вештачката интелигенција може да се применуваат во сите сфери од секојдневното живеење.

„Како наставна алатка овие модели се навистина корисни, меѓутоа треба да се најде стратегија и да се направи обука за наставниците за да можат да ги применуваат соодветно. Доколку тоа не го направиме сега во овој момент тогаш учениците ќе бидат склони кон искористување на моделите односно кон злоупотреба на моделите за препишување или за други цели“, додава Павлова.

Вештачката интелигенција може да се користи за преведување од странски на македонски јазик, за создавање на романи, раскази, песни, но, таа никогаш нема да создаде дела како некои македонски автори, смета професорот од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ д-р Николче Мицкоски.

„За унапредување на вештачката интелигенција и нејзино користење за развој на македонскиот јазик, треба да се направи една сеопфатна национална стратегија во којашто ќе бидат вклучени и програмерите и јазичарите и сите чинители, претпоставувам тоа би било во Министерството за дигитална трансформација, за да можеме ние правилно и постепено да го развиваме македонскиот јазик со помош на вештачката интелигенција“, вели доц. д-р Николче Мицкоски, професор на Филолошки факултет „Блаже Конески“.

Неодамна беше промовирана дигиталната алатка „Буки“, која со помош на вештачка интелигенција реченици и зборови изговорени на македонски јазик ги претвора во транскрибирана форма, пренесени со мали и големи букви и интерпункциски знаци. Професорот Никола Стиков кој е еден од авторите на оваа платформа, вели дека идејата потекнала по смртта на неговиот татко чиишто аудиоснимки за Македонското радио, сакал да ги транскрибира на македонски јазик.

„Буки е надградба на веќе постоечки модели за транскрипција на јазик коишто се развиени од компании како Опен Еј-Ај и Мета. Меѓутоа, сите тие модели не работат добро со македонскиот јазик и често го мешаат со другите соседни јазици. Ние додадовме околу 60 часа тренинг, транскрипти од Институтот за антропологија и етнологија, снимки од нашата платформа „Наука за деца“ на фондација „Кантарот“, отворени гласови од Мозила платформата и ги истрениравме користејќи ги овие додатни материјали за моделот Буки да биде уште поточен со добра интерпункција и без грешки“, објаснува проф. д-р Никола Стиков, професор на Универзитетот во Монтреал.

Експертите велат дека за разлика од Македонија која не инвестира доволно во развојот на јазичните технологии, голем број држави кои спаѓаат во малите јазични заедници вложуваат многу во оваа област. Како пример ги посочуваат Данска која со 5,8 милиони жители инвестирала четири милиони евра, Исланд со 360.000 жители инвестирала 13 милиони евра, а од регионот, Словенија инвестирала повеќе од четири милиони евра.

Мартин Николовски