Здравство

Селата може да останат без матични лекари

27.10.2024 14:57

Жителите од руралните краишта патуваат во најблиската општина за преглед, но како што одат работите тие наскоро таму ќе станат реткост. Најкарактеристично и можеби најкритично е на Истокот. Осум ординации во овој регион наскоро ќе престанат да работат. Причина е што не можат да најдат медицински сестри, кои се неопходно за да се оформи тим заедно со лекар за да постои ординацијата. Стравуваат дека Фондот за здравство поради тоа ќе им го прекине договорот…

Матични лекари во селата речиси и да нема. Амбулантата во виничкото село Пеклани три години е празна. Жителите раскажуваат за докторката Јадранка која освен што ги прегледувала, на болните им носела и лекови ако немало кој да им купи, одела дома да им стави инјекции и инфузија на изнемоштените. Сега за сето ова, мора да одат во градот.

„Патуваме во Виница, имаме стари луѓе тука изнемоштени што мора да ги носиме со автомобил, бидејќи некои имаат, некои немаат“, вели Игорчо Николов – жител на село Пеклани.

„Се молат, такси доаѓа. Им земаат 300 – 400 денари во еден правец и уште толку за назад, 800 денари на ден даваат само за такси.“

Седумдесетгодишната Ленка од село Пеклини ја затекнавме на преглед во Виница.

„Двапати или трипати во месецот мора да дојдеме по лекови, само по лекови, тука. А ако имаш потреба, мора и секој ден да доаѓаш. Редовен превоз немаме, наутро има за работници во 6 часот и во 7 часот за учениците. Цел ден нема до 14 часот“, вели Ленка Велкова – пациентка од село Пеклани.

Со истиот проблем како Ленка ќе се соочат и жителите на подплачковичкото село Блатец, но и на Виница и на Радовиш. Прашање на ден е кога некои амбуланти ќе престанат да работат, бидејќи немаат медицински сестри. Според договорот со Фондот за здравство, ординацијата мора да има тим од лекар и медицинска сестра, и ако не вработат сестра во рок од 60 дена, фондот престанува да им исплаќа капитација.

Докторката Виолета Петковска во 2018 година прва се соочила со овој проблем. Тогаш докторите се обединиле и го кренаа гласот и рокот за составување на тим лекар-сестра од 35 дена бил продолжен на два месеца. По шест години таа е исправена пред ист предизвик.

„Во Агенцијата за вработување нема баратели на работа од тој профил, а и да има тоа се пасивни баратели. Значи, не сакаат моментално да тргнат на работа, а ние со договор со Фондот имаме потпишано дека мора да имаме формирано тим, мора да работиме со медицинска сестра. Тоа беше во ред, иако немаше медицински сестри последните години, од 2007 година, веќе 17 години сме матични. Иако немаше медицински сестри сепак немаше одлив на кадар, сега има и не можеме да се снајдеме“, изјави д-р Виолета Петковска – матичен лекар во Виница.

Поради малиот број пациенти во иселените предели, овие матични лекари можат да исплатат едвај минимална плата, поради што нема ниту интерес за вработување. Пред пандемијата матичните лекари во Виница вработувале медицински сестри од Берово, од Кочани, но поради укинување на превозот, сега нема ни како да патуваат.

И додека докторката Виолета се бори со времето за да успее да ја задржи ординацијата, бидејќи на почетокот на ноември ѝ истекува рокот, неколку лекари од Радовиш, како и лекарот од Блатец веќе работат надвор од рокот. Ги држат ординациите отворени за да не ги оставаат пациентите без лекарска грижа и со надеж дека властите ќе имаат слух за овој проблем и ќе најдат решение.

„Вие си работите ама без пари, си работите и без пари додека можете да функционирате со печат.“

„Ни треба помош, ни треба помош.“

Од Здружението на приватни матични лекари во неколку наврати побарале решение од министерството и од Фондот за здравство.

„Мислам дека ситуацијата е многу сериозна, бидејќи сега го имаат овој проблем овие осум ординации, утре ќе го имаат други осум ординации. Малите места постепено умираат“, вели д-р Лилија Чолакова Дервишова – претседателка на здружение на приватни лекари.

„Затоа ги замолувам здравствените власти, апелирам до министерот под итно да се најде решение и од страна на управниот одбор на Фондот да се донесе решение, ако има негативен оглас, ако на биро не може да се најде медицинска сестра, фирмата да не смее да згасне. Бидејќи постоењето на овие ординации се вистинско богатство за тој народ. Тие им требаат во тие мали места.“

Освен јавниот апел, побаравме одговор од Фондот за здравство, за овој многу итен проблем, кој засега е најалармантен во еден регион, но наскоро може да стане и проблем во многу други региони. Она што го добивме како одговор од Фондот дава искра надеж дека проблемот би можел да биде решен многу брзо, до крајот на годината.

„ФЗО е во континуиран дијалог со Здружението на приватни лекари на Македонија, вклучувајќи и за наведените прашања. Уредувањето на тимовите е со Уредба на Владата и Правилник на ФЗО. Се работи на измени кои ќе ја земат реалноста предвид и истите би требало да бидат донесени до крајот на годината. Во меѓувреме постои посветеност да се овозможи работа на приватните лекари во општините каде нема невработени медицински сестри. Измена на начин на финансирање на приватните лекари (капитација) бара одреден период на консултации на сите засегнати чинители“, се вели во одговорот од Фондот за здравство.

Чолакова-Дервишова вели дека една од причините за незавидната состојба во која последниве години се докторите е и тоа што нема Закон за лекари. Според податоците на Здружението на приватни лекари, една третина од ординациите се на раб на егзистенција. Капитацијата им се исплаќа со задоцнување – последната исплата им била за јули.

„Ние многу долго бараме како здружение исто како судиите. Ако имаат загарантирани плати судиите и која висина на плата ја добиваат, не гледам зошто за доктор со шест години факултет со континуирана едукација, со специјализации, има огромен број на специјалисти по семејна медицина, педијатри, по школска, по трудова коишто работат како примарни доктори не би имало закон за плати во оваа лекарска фела.“

Дека матичните лекари не биле високо на агендата на ниту една од досегашните влади покажува висината на капитацискиот бод. Само изминативе 10 години, од 2013 до 2023, парите во фондовската каса за здравство се зголемени двојно од 354 милиони евра на 694 милиони евра. А за повеќе од две децении бодот се качил за 30 денари. Во 2001 бил 45 денари, во 2024 година, 75 денари. Годинава добивме нова влада, матичните лекари добија нови ветувања, догодина за нив ќе има повеќе пари, но и повеќе обврски.

Наташа Јанчиќ Менковски