Случајот со директорот на АНБ и претседателските помилувања ја брануваат политичката сцена
СДСМ бара Обвинителството и Антикорупциска да отворат предмет за Бојан Христовски, кој, како што велат, го фалсификувал документот за англиски јазик што го поднел при вработувањето во АНБ. Премиерот Мицкоски верува дека сè е законски, зашто според него, Христовски е чесен човек. Но, ако институциите го потврдуваат случајот, тогаш тој најави дека ќе побара оставка од директорот на Агенцијата …

Не само Антикорупциската комисија, опозициската СДСМ бара и Јавното обвинителство да се вклучи во случајот со директорот на АНБ, Христовски. Социјалдемократите велат дека тој ги нема потребните сертификати, откако бугарски „Фактор“ излезе со тврдење дека не постои училиште „Јулија“ во Пловдив за полагање на испитот за ТОЕФЛ, кој Христовски го навел во својата биографија.
Премиерот Мицкоски рече дека ќе побара одговорност од Христовски само доколку тоа го констатира соодветна институција, а не под притисок на опозициската СДСМ и како што рече, исплашените поранешни кодошко-удбашки инсталации кои АНБ ја претвориле во тврдина во борба против опозицијата во времето кога тие биле во таа улога.
Власта и опозицијата со различни гледишта и за колективната оставка на Комисијата за помилување. Според СДСМ тоа е обид на власта за да се спаси претседателката Сиљановска и нарачателите, а комисијата да биде жртвеното јагне. Премиерот Мицкоски, пак смета дека жив човек кој работи може и да згреши, и доблесно е да си даде оставка.
По реакциите во јавноста во врска со помилувањата, членовите на Комисијата поднесоа колективна оставка која ја соопшти професорот Гордан Калајџиев.
Фиљана Кока
