Гласаа и бугарските државјани во Македонија
За предвремените парламентарни избори во Бугарија се гласаше и во амбасадата на оваа земја во Скопје. Во Македонија, според последниот попис, живеат околу 3.500 Бугари…

Можноста да гласаат на предвремени парламентарни избори во Бугарија имаат и бугарските државјани во земјава.
Бугарските државјани својот глас го дадоа на пет гласачки места во Македонија, меѓу кои Амбасадата на Бугарија во Скопје, Генералниот конзулат во Битола, и во уште неколку градови, како Прилеп и Кавадарци. По изборите очекуваат да се избере стабилна влада која ќе работи за доброто на граѓаните. Велат, не им е тешко по седми пат да гласаат во последниве четири години, бидејќи тоа е знак дека Бугарија е демократска држава.
Дел од гласачите не се оптимисти дека ќе се избере нова бугарска влада и очекуваат следната година да гласаат на осми предвремени парламентарни избори.
„Очекувам седум партии во парламентот. Тешка е ситуацијата. Нема да има стабилна влада и очекувам да гласам догодина уште двапати. Не можам да анализирам за ситуацијата, но ова се веќе седми избори. Од друга страна, тоа е добро за демократијата“-вели еден гласач.
Според последниот попис, во Македонија има околу 3.500 Бугари.
Ирина Гелевска
