250 милиони евра

Општините добиваат пари за капитални инвестиции

27.10.2024 15:29

Општините добиваат 250 милиони евра, пари за капитални инвестиции. Во владата е потпишан договорот за првата транша. Четирите локални самоуправи кои првично извисија, имаат рок до 15-ти ноември да ја комплетираат документацијата…

Општините ги потпишаа договорите за првата транша од предвидените 250 милиони евра за реализација на капиталните инвестиции. Склучени се договори за 274 инфраструктурни проекти во вредност од 4,1 милијарди денари. Половина од парите се наменети за транспортот, ќе се инвестира во проекти за локални патишта, коловози, патеки, пристапни улици. Со 630 милиони денари ќе градат канализации, колектори, нови водоводи.

Предвидени се 133 милиони денари за модернизација на училиштата. Пари се предвидени и за изградба на градинки, спортски сали, паркови, реставрација на културни знаменитости, туристички атракции, музеи.

„За само три месеци, овој проект станува реалност и сега почнува процесот на она што ќе придонесе за промена на тешката реалност и отсуството на поддршка на општините. Ова е историска најголема инвестиција на централната власт за локалните самоуправи и ќе продолжат јавните повици сè до целосно искористување на предвидените 250 милиони евра. Сакам да апелирам општините да изработат квалитетни проекти и тие, ќе бидат реализирани“, изјави премиерот Мицкоски.

Парите се дел од унгарскиот заем, останатите 250 милиони евра од заемот се наменети за бизнис секторот.

Четири општини кои не добија пари за инвестирање во инфраструктурни проекти поради тоа што задоцниле со доставување на документацијата, имаат рок тоа да го сторат до 15-ти ноември.

Мицкоски смета дека одлуката на градоначалникот на Струмица да го напушти ЗЕЛС е погрешна. Според Костадинов, напуштањето е знак на револт поради игнорантскиот однос на владата кон Струмица и нејзините граѓани во период кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење, но, поради тоа им е одбиен единствениот проект што сакаа да го реализираат со овие пари.

Андријана Ѓурческа