Ретроспективна изложба на Беди Ибрахим во Чифте амам
Во Чифте амам во Старата скопска чаршија вечерва во 20 часот ќе биде отворена ретроспективна изложба на Беди Ибрахим. Ќе бидат изложени дела од сите опуси и фази од неговото творештво, од 80-те години до денес...

Во Чифте амам во Старата скопска чаршија вечерва во 20 часот ќе биде отворена ретроспективна изложба на Беди Ибрахим. Ќе бидат изложени дела од сите опуси и фази од неговото творештво, од 80-те години до денес. Кустос на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски од Националната галерија на Македонија, а текстот во каталогот е на Конча Пиркоска, историчарка на уметност.
Изложбата во Чифте амам, исламски објект од средината на 15 век, поранешен амам, адаптиран во галериски простор е сублимат на неговите претходни концепти, т.е. нивно концепциско поврзување. Амамот, со својата специфична архитектонска градба и историја, претставува предизвик за неговата уметничка и концептуална реминисценција во реализацијата на овој проект.
Беди Ибрахим е роден во 1959 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на одделот за скулптура во класата на проф. Петар Хаџи Бошков во 1985 год. Во 1999 година завршил магистерски студии на истиот Факултет на тема под наслов „Култура и природа“ кај професорите Стефан Маневски и Васил Василев. Од 1985 до 1989 година бил член на групата „Зеро“. Од 1986 година е член на Друштвото на ликовни уметници. Во 1991 како стипендист престојувал на ФЛУ при Универзитетот „Мимар Синан“ во Истанбул, како и во ателјето на светски познатиот архитект Џенгис Бекташ. Во 1992 година под менторство на професорката Томур Атагок вршел истражувања во Кападокија. Од 1990 до 2002 година работел во Театарот на народностите како сценограф, сликар, и вајар изведувач. Во периодот од 2000 до 2002 година воедно ја извршувал и функцијата директор на Турската драма. Од 2002 годинаа е вработен на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на Вајарскиот оддел.
