Блиски Исток

Во Доха нов обид за примирје на војната во Газа

28.10.2024 11:57

САД, Израел и Катар седнаа на преговарачка маса во Доха. Почнаа обновените преговори за мир во Газа. Хамас најави сеопфатен договор, Египет со предлог за дводневен прекин на огнот. Заканите за одмазда на релација Техеран-Тел Авив продолжија. Во Советот за безбедност на ООН свикана итна седница по барање на Иран...

Во Доха почнуваат обновените разговори за примирје во Газа. Хамас најави сеопфатен договор за итен прекин на војната со повлекување на израелските трупи и размена на палестински затвореници за сите заложници. Претходно Египет првпат излезе со предлог за дводневен прекин на насилствата.

„Направивме напори да покренеме иницијатива за придвижување на ситуацијата и запирање на огнот на два дена, а четворица заложници да бидат разменети за неколку затвореници во израелските затвори, потоа во рок од десет дена да се преговара за завршување на процедурите за целосен прекин на огнот и влез на помош“, Абдел Фатах ал-Сиси, претседател на Египет.

Тел Авив го отфрли египетскиот предлог, Нетанјаху нагласи дека преговорите ќе се водат само под оган. Наспроти дипломатските напори, меѓусебните закани на релација Иран-Израел, продолжија. Техеран дециден дека нема да отстапат пред израелската агресија по одмаздничкиот напад, додека Тел Авив тврди дека се подготвени за сите сценарија.

„Сигурно слободниот народ нема да отстапи пред овој криминален, крвожеден режим. Ние секогаш ги браневме правата на нашиот народ и ќе продолжиме да го правиме тоа“, изјави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран

„Искористивме само дел од нашите способности. Имаме можност да направиме многу повеќе. Подготвени сме за сите сценарија на сите фронтови“, изјави Херзи Халеви, началник на генералштабот на израелските сили.

Во Советот за безбедност на ООН свикана итна седница по барање на Техеран. На фронтот, продолжија ракетирањата меѓу Израел и проиранските групи во Либан и Газа. Палестинските власти обвинуваат дека во последните три недели во енклавата загинале над илјада цивили. Израел, пак, проценува дека 101 заложник сè уште е во заробеништво на Хамас, а се стравува дека дел од нив повеќе и не се живи.

 

Бојана Крстевски