Грузија

Во Грузија најавени протести по победата на владејачката партија „Грузиски сон“

28.10.2024 12:58

По парламентарните избори, врие на политичката сцена во Грузија. Опозицијата не ги призна изборните резултати во кои победата ја однесе владејачката „Грузиски сон“. Обвини за руско мешање во изборите. САД и ЕУ бараат истрага за пријавените нерегуларности...

Меѓународната заедница повика на опсежна истрага за пријавените нерегуларности, откако опозицијата во Грузија обвини за руско мешање во исходот на парламентарните избори во кои победата ја однесе владејачката проруска партија „Грузиски сон“. Набљудувачите на ОБСЕ регистрирале притисоци, повеќекратно гласање и полнење гласачки кутии. Реагираа и од Европскиот совет. Претседателот Шарл Мишел најави дека грузиското прашање ќе го вклучи во агендата на Самитот на Унијата што треба да се одржи во ноември.

„За време на нашето набљудување, забележавме случаи на купување гласови и двојно гласање, пред и за време на изборите, особено во руралните средини. Сведочевме на два различни света, еден внатре во избирачките места, каде што процесот на гласање беше генерално добро спроведен и еден надвор од избирачките места“, изјави Јулијан Булафи – шеф на делегација на ОБСЕ.

„За време на изборната кампања, владејачката партија користеше антизападна и непријателска реторика насочена кон демократските партнери на Грузија, особено европската унија, нејзините политичари и дипломати. Таа промовираше руски дезинформации, манипулации и теории на заговор. Парадоксално, владата понатаму тврдеше дека ја продолжува европската интеграција на Грузија, изјави Антони Лопезнстуриз Вајт – шеф на делегација на ЕУ.

Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили изборниот резултат го нарече руска специјална операција. Ги повика граѓаните масовно да излезат на протести.

„Не бевме само сведоци, туку и жртви на руска специјална операција – нова форма на хибридна војна водена против нашиот народ и нашата земја. Не ги признавам овие избори. Ако е потребно да се бориме за европската иднина, да излеземе на улица, да застанеме заедно- ние нема да се откажеме и да попуштиме. Ќе му кажеме на целиот свет дека Грузија се бори за својата европска иднина и дека Русија никогаш нема да победи во оваа земја“, изјави Саломе Зурабишвили - претседателка на Грузија.

Изборниот резултат во Грузија претставува уште еден предизвик за намерите на Европската унија да се прошири во поранешните советски републики. Минатиот месец во Молдавија со тесен резултат од референдумот беше донесена одредбата во уставот што треба да ја однесе земјата во Европската унија. И молдавските власти обвинија за руско мешање, но Москва негираше.

 

Маја Стојанова