Мицкоски: Не сум го добил писмото од Ахмети
По вчерашните писма до осум меѓународни лидери, Ахмети денес испрати писмо и до Христијан Мицкоски. Ахмети се жали дека последните одлуки на Уставниот суд, имаат потенцијален негативен ефект на „меѓуетничката кохезија во државата“. Премиерот вели, ќе реагира откако ќе го прочита писмото…

Не сум го добил писмото од Ахмети – уверува премиерот Христијан Мицкоски. Вели, кога ќе го добие ќе му посвети внимание како и на сите писма кои секојдневно ги добива, па дури тогаш ќе даде коментар.
„Навистина го немам добиено, секојдневно добивам писма. Со големо внимание посветувам кон сите граѓани. Така постапува одговорна Влада. Ние не играме фудбалчиња, ние сме одговорни“, изјави премиерот Мицкоски.
Претседателот на интегративците испрати писмо адресирано до претседателот на Владата во врска со неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и одржливоста на земјата, соопшти партијата.
„Охридскиот договор, кој донесе подобро меѓуетничко разбирање, не е само политичко прашање, туку е темел на нашата мултиетничка демократија, стабилност и демократски напредок. Секоја обид за негово доведување во прашање, особено во актуелниот контекст, е чекор кој може да ја влоши состојбата во земјата и регионот“, стои во писмо од Ахмети до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Но, ниту првиот вицепремиер кој доаѓа од албанскиот владин коалциски партнер, Меџити не му посвети особено внимание на писмото од лидерот на ДУИ, оценува дека во моментот поважни се други прашања.
Ахмети претходно испрати осум писма до меѓународните лидери. Во нив тој ги информирал дека загрозени се историските достигнувања на Албанците во Македонија. Ваквата реакција на ДУИ следеше по одлуката на Уставниот суд за укинување на балансерот. Од коалицијата „Вреди“ со став дека ДУИ и понатаму се обидува да врши притисок врз највисоките судски инстанци преку своите инсталации во сите правосудни органи.
Марина Стојанова-Тонева
