Блокиран патот кон депонијата во Кочани
Жителите од Кочани од утринава го блокираат патот до депонијата. Бараат решавање на проблемот со загадувањето поради честото палење на депонијата. Блокада се најавува и наредните денови. Советот на Општина Кочани даде поддршка на барањата на кочанчани.

Жители на Кочани од изутрина го блокираа патот кон депонијата во Кочани, незадоволни од нерешавањето на проблемот кој со години го мачи регионот. Депонијата често се пали, а чадот се чувствува и во градот и во кочанската долина. Најпогодени се жителите на село Бели.
Проблемот е стар, но ескалираше откако се затворија депониите во Зрновци, Виница и Чешиново-Облешево и сиот комунален отпад од овие општини завршува на кочанската депонија. И покрај ветувањата, надлежните не го решаваат проблемот, велат кочанчани.
Според жителите на Кочани, досегашните обиди за санирање на овој еколошки проблем се краткотрајни и без ефект и не очекуваат да се подобри состојбата со ангажирањето на „Бехтел – Енка“ за санација на депонијата.
Славица Величковска
