Се бара решение за матичните лекари
Жителите во руралните средини и малите општини нема да останат без матичен лекар, уверува директорот на Фондот за здравство. Осум лекари во Источна Македонија ќе ги затворат ординациите бидејќи не можат да најдат медицинска сестра во рок од 60 дена, како што ги обврзува договорот со Фондот...

Жителите во руралните средини и малите општини нема да останат без матичен лекар, уверува директорот на Фондот за здравство. Осум лекари во Источна Македонија ќе ги затворат ординациите бидејќи не можат да најдат медицинска сестра во рок од 60 дена, како што ги обврзува договорот со Фондот. Докторката Виолета Петковска, како и нејзините колеги од Радовиш и Блатец, нема да останат надвор од системот.
МТВ објави сторија за докторката Виолета Петковска, којашто се бори со времето за да успее да ја задржи ординацијата, бидејќи на почетокот на ноември ѝ истекува рокот, а медицинска сестра не се јавува на оглас за да ја вработи.
Неколку лекари од Радовиш, како и лекарот од Блатец веќе работат надвор од рокот. Ги држат ординациите отворени за да не ги оставаат пациентите без лекарска грижа. Според податоците на Здружението на приватни лекари, една третина од ординациите се на раб на егзистенција. Капитацијата им се исплаќа со задоцнување – последната исплата им била за јули.
И висината на капитацискиот бод е рак-рана на матичните лекари. За повеќе од две децении бодот се качил за 30 денари. Во 2001-ва бил 45 денари, во 2024-та година, 75 денари. Но, овој проблем ќе се решава догодина.
Наташа Јанчиќ – Менковски
