Инфраструктура

„Бехтел и Енка“ ја стартува изградбата на делницата Гостивар-Букојчани

28.10.2024 16:52

По две години стартува изградбата на делницата Гостивар-Букојчани. Откако ќе биде готова од Скопје до Охрид ќе се патува час и половина. За премиерот Мицкоски ова е историски проект за три раскрсници. Транспортна, железничка и енергетска.

Почнува изградба на автопатот Гостивар-Букојчани-Кичево, најтешката траса од Коридорот 8. Тоа значи дека преку оваа делница од Скопје до Охрид и Струга ќе се патува за околу час и половина. Премиерот Христијан Мицкоски заедно со повеќе владини претставници, како и амбасадорката на САД, Агелер, извршија обиколка на градежните активности за изградба на овој автопат.

Решивме да работиме, а не да бараме изговори, рече министерот за транспорт. Николоски упати и благодарност до сите кои биле инволвирани во проектот.

Директорот на државните патишта најави дека се очекува процесот на експропријација комплетно да се заврши до Нова година.

Од Конзорциумот „Бехтел и Енка“ велат дека оваа делница е од голема важност за сите, посебно за домашните работници.

„Проектот кој значи побрзи и побезбедни патишта е од исклучителна важност за граѓаните и секако за бизнисите, а тоа придонесува за голем социо-економски развој. Над 750 членови на тимот се локално население од најразлични дејности. Ние и натаму ќе го зголемуваме бројот, како што ќе напредува проектот“, велат од „Бехтел и Енка“.

Делницата Гостивар – Букојчани, една од четирите коишто треба да бидат завршени во наредните неколку години.

Целиот проект тежи една милијарда и 300.000 евра.

 

Борис Грујоски