Блиски Исток

Иран и Израел со меѓусебни обвинувања во Советот за безбедност на ОН

29.10.2024 08:24

Во Обединети нации седница на Советот за безбедност за состојбата на Блискиот Исток. Израел и Иран со меѓусебни обвинувања за кризата. Во меѓувреме израелските пратеници усвоија закон што ја забранува работата на Агенцијата на Обединетите нации за заштита на правата на Палестинците...

Остри тонови во Советот за безбедност на Обединетите нации. Иран и Израел со меѓусебни обвинувања за регионалниот конфликт. Дебатата следува откако голем број израелски авиони извршија напади во саботата на локации во близина на Техеран и во западен Иран.

„Најновата размена на оган меѓу Израел и Иран ризикува да го втурне регионот во непознатото, во време кога итно ни е потребна деескалација на сите фронтови“, изјави Калед Киари, помошник генерален секретар за Блискиот Исток, Азија и Пацификот.

„Иранските лидери избраа да го нападнат Израел за да го дестабилизираат регионот и да предизвикаат хаос. Ни ветија уништување, ние одговоривме со сила“, изјави Дени Данон, израелски амбасадор во ООН.

„Најостро ја осудуваме израелската агресија. Непријателските дејства на Израел се очигледно и опасно кршење на меѓународното право и Повелбата на ООН“, изјави Амир Саид Иравани, ирански амбасадор во ООН.

Во меѓувреме израелските пратеници усвоија закон што ја забранува работата на УНРВА, главната агенција што обезбедува помош за луѓето во Газа. Меѓународната заедница со осуда за потегот на Тел Авив.

„Секој што се однесува како терорист, нема право да постои во државата Израел. УНРВА не е агенција за помош на бегалците. Тоа е агенција за помош на Хамас“, изјави Ликуд Боаз Бисмут, еден од спонзорите на законот.

Израелските напади регистрирани и во Газа и во Либан. Ракети лансирани од Хезболах завршија во Северен Израел. Во Ерусалим продолжија протестите за прекин на огнот и враќање на заложниците.

 

Маријана Димовска