Расправа во Советот за безбедност за Блискиот Исток
Бурна седница во Советот за безбедност на Обединетите нации. Израел и Иран разменија меѓусебни обвинувања за конфликтот на Блискиот Исток. Вашингтон го предупреди Техеран за сериозни последици во случајот на нови напади. Но, и Тел Авив се најде на удар по забраната за работа на агенцијата на Обединетите Нации за помош на палестинските бегалци. Во меѓувреме, Хезболах доби нов лидер...

Остри тонови во Советот за безбедност на Обединетите нации. Иран и Израел со меѓусебни обвинувања за тоа кој го разгорува конфликтот на Блискиот Исток. Седницата следува по израелските одмазднички напади врз локации во близина на Техеран и во западен Иран.
„Најновата размена на оган меѓу Израел и Иран ризикува да го втурне регионот во непознатото, во време кога итно ни е потребна деескалација на сите фронтови“, изјави Калед Киари, помошник-генерален секретар за Блискиот Исток, Азија и Пацификот.
„Иранските лидери избраа да го нападнат Израел за да го дестабилизираат регионот и да предизвикаат хаос. Ни ветија уништување, ние одговоривме со сила‘, рече Дени Данон, израелски амбасадор во ООН.
„Најостро ја осудуваме израелската агресија. Непријателските дејства на Израел се очигледно и опасно кршење на меѓународното право и Повелбата на ООН“, изјави Амир Саид Иравани, ирански амбасадор во ООН.
Израел изгласа закон за забрана на главната агенција што обезбедува помош за цивилите во Газа. Законот стапува во сила во наредните 90 дена и го блокира дејствувањето на УНРВА и испораката на хуманитарна помош во Газа преку преминот Рафах.
„Секој што се однесува како терорист нема право да постои во државата Израел. УНРВА не е агенција за помош на бегалците. Тоа е агенција за помош на Хамас“, порача Ликуд Боаз Бисмут, пратеник.
Вашингтон загрижен за потегот на Тел Авив. Владите на Шпанија, Словенија, Ирска и Норвешка со заедничка изјава ја осудија забраната. Австралија, Германија и други велат дека најновите случувања дополнително ќе го загрозат цивилното население.
„Израел мора да се придржува до своите обврски и да овозможи УНРВА да продолжи да обезбедува основни услуги за оние кои страдаат во Газа и на Западниот Брег“, изјави Барбара Вудворд, амбасадор на Обединетото Кралство во ООН.
Во Ерусалим продолжија протестите за прекин на огнот и враќање на заложниците. Премиерот Нетанјаху уверува дека киднапираните од 7-ми октомври изминатата година ќе бидат вратени дома.
„Ќе ги вратиме сите, живи и мртви, нема да попуштиме, деновиве ги бараме патиштата, ги вложуваме средствата, сите без исклучок ќе ги вратиме дома“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Израелски напади регистрирани и во Газа и во Либан врз 150 локации. Ракети лансирани од Хезболах завршија во Северен Израел. Пресретнато беспилотно летало лансирано од Јемен. Во меѓувреме, Хезболах го именуваше заменик-шефот Наим Касем за наследник на ликвидираниот лидер Хасан Насрала.
Маријана Димовска
