Владата со нови мерки за поддршка на самовработувањето
Ако ги здружат силите да почнат сопствен бизнис, активните баратели на работа ќе добијат поддршка од државната каса. Ќе се делат кредити со само 1 насто камата и со одложен период на отплата.

Невработените заеднички треба да достават бизнис план. Ако за работа се организираат тројца, секој ќе добие по три илјади евра. Парите треба да ги вратат за три години. Ако бизнисот го прават петмина, еден ќе добие пет илјади, а останатите четворица по 3 илјади евра. Ако се помлади од 29 години, може да аплицираат и за 23 000 евра финансиска поддршка.
„Доколку се организираат и започнат бизнис лица коишто во моментот се невработени, а биле корисници на надомест по основ на технолошки вишок или ликвидација, тогаш добиваат дополнителна стимулација од уште по 1.000 евра по лице коешто ќе се организира. Односно за дејности од помал обем, ако општите услови налагаат тие да добијат 9.000 евра, доколку се сите стечајци или пак од технолошки вишок ќе може да добијат 12.000 евра, а за дејности од поголем обем наместо 17.000 евра може да добијат 22.000 евра“ изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата.
Малите и микро фирми ќе добијат евтини кредити од 3.000 евра ако вработат работник постар од 29 години. Ако работникот е помлад, износот е 4.000 евра. Може да ангажираат најмногу тројца. По грејс периодот од година и пол средствата треба да ги вратат за 24 месеци со камата од 1%.
Стратегијата за отворање на нови 64.000 работни места продолжува да се надградува од идната недела. Целта на новиот оглас е да им помогне на малите фирми и на активните баратели на работа полесно да се вклучат на пазарот на трудот.
Анита Димитријевска
