Политика

Мицкоски: Помина времето кога политичарите можеа да влијаат на судии и обвинители

29.10.2024 14:52

Помина времето кога политичари сакаа и можеа да влијаат на судии и обвинители – одговори премиерот Мицкоски, откако го доби и го прочита писмото, испратено од лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Интегративците ги отфрлаат толкувањата дека со дописот сакале да испратат закана за повторување на 2001-та. Од „Беса“ оценуваат дека чекорите на Ахмети не се во интерес на граѓаните...

Писмото на Ахмети има геостратешки осврт, но и обвинување дека уставните судии кои ги избраа СДСМ и ДУИ спроведуваат програма на ВМРО-ДПМНЕ. Не ми паѓа на памет, како што бара Ахмети, да интервенирам кај судиите бидејќи нивните одлуки можеле да ја дестабилизираат државата – изјави премиерот Христијан Мицкоски, откако го прочитал дописот од лидерот на интегративците.

Ексминистерот од ДУИ, Крешник Бектеши пак, во писмото на неговиот лидер не гледа никакви закани, но во интервју за „360 Степени“ коментира дека со укинувањето на балансерот, Уставниот суд ја скратил можноста на граѓаните да се изјаснат за нивната етничка припадност.

Писмата кои Ахмети ги испраќа не се во интерес на граѓаните. Ахмети треба да работи на реформирање на ДУИ, директна порака од лидерот на „Беса“ Биљал Касами.

Шефот на владата остварил средба со Бранко Хорватин, кој го предводеше тимот на мисијата за оценување која ги изготви препораките за Судскиот совет. Мицкоски вели дека добил квалитетни идеи и очекува веќе од следната недела оперативно да се работи на реформите во Судскиот и Обвинителскиот совет.

Премиерот Мицкоски потврди дека постои работна група за Законот за правична застапеност, во која членуваат експерти, но не и министерот за јавна администрација Горан Минчев.

Миле Ристески