Штип

Зголемено присуство на цијанид и тешки метали во акумулацијата Калиманци

29.10.2024 16:00

Присуство на големи концентрации на тешки метали и на цијанид, потврдија лабораториските испитувања на водата од акумулацијата Калиманци после поморот на рибите на почетокот на август. Кочанското Јавно обвинителство отвори случај, а откако ќе се утврди причинителот ќе се бара негова кривична одговорност...

Поморот на риби во акумулацијата Калиманци на шести август е резултат на цијанид, потврдија анализите на Институтот за сточарство, Инспекторатот за животна средина и МВР. Анализирани се мостри од Каменичка река, Калиманско езеро и од угинатите риби. Спортското риболовното друштво „Шаран“ од Македонска Каменица кое стопанисува со рибниот фонд на Калиманци, ги објави податоците од сертифицираните лаборатории.

„Рибите се угинати од присуство на цијанид. Во примероците од угинатите риби констатирано е присуство на тешки метали – жива, кадмиум, олово, арсен и цинк. Во водата на вливот на Каменичка река во езерото Калиманци откриено е зголемено присуство на манган-50 пати над дозволеното, кадмиум – 4 пати над дозволеното, амонијак – 53 пати над дозволеното, нитрити – 8 пати над дозволеното, олово, цинк и бакар. Во водата на Каменичка река под тунелот на јаловиштето на рудникот Саса, откриено е зголемено присуство на цијанид“, стои во соопштението.

Риболовното друштво „Шаран“ ќе поднесе кривична пријава за причинителот на оваа еколошка хаварија. Градоначалникот на Македонска Каменица очекува брза интервенција на институциите заради тоа што освен живиот свет во Калиманци, во опасност се и луѓето, бидејќи водите на Калиманци наводнуваат илјадници хектари земјоделски површини.

Кочанското Јавно обвинителство постапува по овој случај. На почетокот на август констатирано е угинување на околу 250 килограми риба.

 

Славица Величковска