Да не се Олимписките Игри, атлетиката ќе ја нема како спортска дисциплина
Допинг-измамите никогаш нема да исчезнат од атлетиката, а без Олимписките Игри, таа би била мртва како спортска дисциплина.
Ваков брутален став за „кралицата на спортовите“ изрази четирикратниот олимписки шампион Мајкл Џонсон, на спортски форум во катарскиот главен град Доха.

Допинг-измамите никогаш нема да исчезнат од атлетиката, а без Олимписките Игри, таа би била мртва како спортска дисциплина.
Ваков брутален став за „кралицата на спортовите“ изрази четирикратниот олимписки шампион Мајкл Џонсон, на спортски форум во катарскиот главен град Доха.
„Атлетиката има политика на „нула толеранција“ за допингот и на некој начин, токму поради тоа имаме и поголеми проблеми. Откако таа се наоѓа под поголема и посилна контрола отколку што се поголемиот дел од спортовите, имаме повеќе скандали и повеќе уловени прекршители“, рече Џонсон.
„И покрај сето тоа, никогаш нема да имаме чиста ситуација во којашто никој нема да лаже. Атлетиката е микрокосмос на вистинскиот живот, а во него секогаш ќе има луѓе коишто ќе лажат. Нереално е да се очекува атлетиката да биде спорт без дроги. Другите спортови можеби имаат навивачи коишто на некаков начин можат да се справат со тоа, но во атлетиката публиката сака да ги гледа олимпијците во целосна согласност со олимписките вредности и идеи“.
Џонсон смета дека Светската аматерска атлетска федерација (ИААФ) не го користи доволно Усеин Болт во промоција на атлетиката.
„Тој е најголемата атлетска ѕвезда, но ИААФ не работи доволно со него за да го промовира спортот. Сигурен сум дека ако челниците му се се обратат со барање да помогне во промоција на атлетиката, не на Усеин Болт, тој нема да одбие. Но, ИААФ не го прави тоа“, смета Џонсон.
„Искрено, да не е атлетиката битен сегмент на Олимписките Игри, атлетиката би била мртва и избришана од лицето на земјата. Да погледнеме објективно, што сакаат луѓето да гледаат? Ни треба ли навистина женското фрлање диск? Или трки на 5.000 метри и на 3.000 метри стипл-чез на ист митинг? Ништо се нема променето во атлетиката од моето време. Ни треба нов формат за да привлечеме повеќе навивачи. Други спортови знаеја како да го зголемат бројот на гледачи, зошто не би можела и атлетиката?“, рече легендарниот тркач на 200 и на 400 метри на Самитот во Доха.
