Скопје

ДЗР: ЈСП не е во состојба да обезбеди квалитетни и навремени услуги на граѓаните

29.10.2024 14:22

Државниот ревизор го потврди она што граѓаните секојдневно го говорат. Јавното сообраќајно претпријатие не е во состојба да обезбеди квалитетни и навремени услуги. ЈСП за секој извозен километар прави трошок од два денари, а приход од еден денар...

Државниот ревизор го потврди она што граѓаните секојдневно го говорат. Јавното сообраќајно претпријатие не е во состојба да обезбеди квалитетни и навремени услуги. Во извештајот на ревизорот е нотирано дека Министерството за образование, две години не платило за бесплатниот јавен превоз на студентите. ЈСП за секој извозен километар прави трошок од два денари, а приход од еден денар. Претпријатието тоне во долгови.

Неповолната состојба најмногу ја чувствуваат граѓаните. Се жалат на редуциран градски превоз, долго чекање на постојките и на метеж во автобусите.

„Може да чекаш и саат време и да не дојде. Скроз е ненормално ова со автобусите во Скопје.“

„Доцнат по 40 минути, по еден час. Особено деветка многу се чека.“

„Само не знам со ова до каде ќе одат, ги претераа сите граници. Ниту доаѓаат ниту ништо. А ги пишува на распоред.“

„И тогаш кога ќе дојдат крцаат внатре, како конзерва, се гужваме ама мора да чекаме. На работа одиме.“

„Приватните ги нема, имаат определено време после пладне поминуваат. Тешко на тие што одат на работа и на учениците“- велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Ревизорот утврди дека ЈСП, заклучно со крајот на 2023-та година, на приватните превозници им должи над 93 милиони денари.

„Тоа може да создаде дополнителни потешкотии во понатамошното работење на правните субјекти ангажирани во јавниот превоз. Поради ненавремено плаќање, превозниците работат со намален капацитет и не можат да обезбедат превоз на линијата во договорениот обем, што значи дека не го задоволуваат потребниот капацитет од најмалку 80 отсто во текот на месецот“, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Субвенциите од речиси 11 милиони евра што му ги додели Град Скопје на претпријатието, не се доволни за одржливост и за развој на јавниот градски превоз, покажува извештајот на ревизорот.

Освен со нередовен градски превоз, граѓаните на метрополата се возат и во дотраени автобуси. Ревизијата укажа и на проблем со недостиг на возачи.

Дали има план за надминување проблемите нотирани во извештајот, од ЈСП одговор не добивме. Од таму испратија соопштение дека се воведува нов начин за плаќање на билет за едно возење преку мобилен телефон.

 

Андријана Ѓурческа