свет

На една недела пред претседателските избори во САД, запалени гласачки ливчиња

29.10.2024 14:36

Стотици гласови уништени во сомнителни пожари во сојузните држави Орегон и Вашнгтон. Опожарени гласачки кутии во Портланд и Мултомах. Полицијата соопшти дека идентификувала сомнително возило кое ги поврзува сите три инциденти. ФБИ отвори истрага...

На една недела пред претседателските избори во САД, стотици гласови уништени во сомнителни пожари во сојузните држави Орегон и Вашнгтон. Опожарени гласачки кутии во Портланд и Мултомах. Дојава за сличен инцидент и на предвременото гласање во Ванкувер-третиот конгресен округ во Вашингтон, место на една од најнеизвесните трки за Претставничкиот дом. Полицијата соопшти дека идентификувала сомнително возило кое ги поврзува сите три инциденти. ФБИ отвори истрага.

„Детективите во полициското биро многу тесно соработуваат со нашите партнери во Портланд, Ванкувер и со канцеларијата на шерифот во Мулотмах. Преку заедничка соработка и анализа идентификувавме сомнително возило. На сите три места беа собрани доволно докази што не наведуваат да веруваме дека сите три инциденти се поврзани“, изјави Мајк Бенер, портпарол на полициското биро во Портланд.

„Јас сум на избори 22 години. Ова е првпат да се случи каков било инцидент, колку што сум запознаен, во зградата на изборите или на која било позиција“, изјави Тим Скот, директор за избори во округот Мултомах.

Гласачките кутии имаат инсталирано системи за гаснење пожар кои се активираат на висока температура, но според властите во Ванкувер од некоја причина тие не функционирале. Ги повикаа гласачите да не се обесхрабруваат и да излезат за да го дадат својот глас.

„Ќе се обидеме да набавиме уреди за гаснење пожар кои работат подобро“, изјави Грег Кимси, ревизор во округот Кларк, кој го вклучува Ванкувер, Вашингтон.

„Ве молиме, не дозволувајте денешните инциденти или нешто што се случува од сега до денот на изборите да ве спречи да се изразите со вашиот глас“, изјави Џесика Вега Педерсон, претседател на округот Мултомах.

Инцидентот е последен во серијата саботажи на гласачките кутии пред изборите на 5-ти ноември. Изминатата недела, во Феникс беше уапсен маж откако беше запалено поштенско сандаче при што изгореа 20 гласачки ливчиња.

 

Бојана Крстевски